Тренчевска : Социјалната услуга помош и нега во домот успешно имплементирана во Општина Чучер Сандево

Од:

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска заедно со градоначалникот на Општина Чучер Сандево, Сашко Комненовиќ денеска беа во посета на корисници на услугата помош и нега во домот во Општина Чучер Сандево.

Преку оваа услуга лицата на возраст од над 65 години кои не се во можност целосно самостојно да се грижат за себе добиваат помош и асистенција од лиценцирани негуватели во извршувањето на секојдневните животни активности.

Социјалната услуга помош и нега во домот е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Светска банка, а е дел од сеопфатната социјална реформа во земјава.

„Темелот на Министерството за труд и социјална политика е грижата за најранливите категории граѓани, за децата, за старите лица, за лицата со попреченост, кои се наши сограѓани. Сите ние имаме роднини, родители, соседи кои имаат потреба од услугите кои се дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој е во функција на поддршка на социјалната реформа. Со социјалната реформа, државата го стави фокусот на поединецот, на потребите на секој еден од нас и на развојот на човечкиот капитал. Изградивме систем во чиј центар е поединецот, а резултатите од тој систем се веќе видливи и не се повеќе идно, туку сегашно време, а во сегашното време за резултатите најдобро говорат лицата на задоволните корисници “, рече министерката Тренчевска.

Во Општина Чучер Сандево услугата помош и нега воведена во јули минатата година, ја испорачува лиценцираниот давател на овие услуги, граѓанското здружение „Адра“.

„Согледувајќи ги потребите на своите повозрасни сограѓани, Општината аплицираше за оваа услуга која засега се спроведува кон осум корисници на нашата територија. Услугата е бесплатна и подразбира помош од страна на лиценциран негувател во домот на корисникот. Благодарност до министерството и целиот тим којшто ни овозможи да воведеме ваква значајна услуга за старите лица. Преку неа тие знаат дека државата и Општината не ги заборавиле“, изјави градоначалникот на Чучер Сандево, Сашко Комненовиќ.

Покрај придобивките за директните корисници, спроведувањето на новите социјални услуги отвора можности за нови вработувања кај давателите на услуги и тоа токму на лица од социјално ранливите категории на граѓани. Дополнително, преку нив се зголемува достапноста на социјалните услуги на локално ниво и во руралните средини.

Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се вкупно 22 проекти во 27 општини. Најголем дел од овие проекти (16) се наменети за помош и нега на стари лица во домот, три се дневни центри за деца со попреченост, а по еден проект се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина и за услуги за советување. За давање на услугите засега се обучени 300 лица, а се очекува да бидат опфатени повеќе од 1100 корисници.

Во тек е реализацијата на вториот јавен повик со кој Министерството ги покани општините, во партнерство со даватели на социјални услуги, да аплицираат за грантови за развој на социјални услуги на локално ниво.

Би можело да ве интересира

Парични казни за градинката „Детска радост“ и за директорката

Емир Латифовиќ

Пад на пријавување работници со скратено работно време

Емир Латифовиќ