Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска учествуваше на состанок на работната група составена од претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој, Министерството за здравство, ФЗОМ, УЈП, ПИОМ и Правниот факултет – Скопје, во организација на Националната федерација на фармери која го поттикна процесот на решавање на правен механизам за остварување на право на надоместок за мајчинство и боледување на регистрираните земјоделки.
Претставниците од институциите го посетија и семејството на Вангелина Пармачка, регистрирана земјоделка од Будинарци, Беровско, кои со децении наназад се занимаваат со овчарство, производство на овчо сирење и производи од овчо млеко. На фармата на Пармачка во работата се вклучени сите членови на семејството.
Тренчевска се заблагодари на можноста за посета на фармата Пармачка и изрази уверување дека со заедничка работа на институциите и граѓанскиот сектор, ќе се дојде до унапредување на законските решенија кои ги засегаат земјоделците, особено жените земјоделки.
Таа се осврна и на Конвенцијата за мајчинство, усвоена од Меѓународната организација на трудот, а ратификувана од нашата држава и неопходноста од нејзина имплементација, а го уредуваат прашањето за мајчинство.
„На еден транспарентен начин, со отвореност за предлози и идеи од сите засегнати страни, можеме да дојдеме до решенија кои ќе водат кон унапредување на човековите права на жените и кои ќе бидат усогласени со мегународните и националните политики на државата. Нашата држава е претежно земјоделска земја и можностите за вработување во оваа дејност се големи. Токму затоа, креирањето на квалитетни државни политики и мерки за руралниот развој се од големо значење за луѓето кои живеат во руралните средини,“ рече Тренчевска.
Министерката ја потенцираше целта на законските измени кои се во насока на подобрување на положбата на жената земјоделка.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, Никица Бачовски истакна дека Агенцијата како институција задолжена за имплементација на програмите за финанисиска поддршка во континиуитет ја докажува својата практична заложба за подобрување на економската положба на жените од руралните средини.
„Како резултат од работата на полето на родово-одговорното буџетирање, креирана беше мерката 115 од програмата за рурален развој, односно мерката за поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство. Оваа мерка објавена за првпат во 2019-та година како пилот мерка по принцип на грант од 100% од направените прифатливи трошоци со максимална вредност до 3000 евра. На последниот јавен повик за истата мерка максималниот износ по корисник го зголемивме за дупло, односно од 3000 на 6000 евра,“ рече Бачовски.