Православните верници во Македонија денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик. Традицонално скопско бадникување се одржа пред платото на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во организација на Здружението на граѓани Одбор за прослава на Бадник.
Одбележувањето на Бадник почна со бадниковата химна што ја исполни Силви бенд и со кревање на бадниковото знаме.
Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан со пригодна беседа им се обрати на скопјани и на сите добронамерници. Тој посочи дека Бадник е всушност нашето очекување, нашето бдеење пред утрешниот спасоносен настан. На овој ден, нагласи, ние православните христијани должни сме да размислуваме и за поводот што не собира и за тоа особено колку сме подготвени да го дочекаме и примиме Небесниот патник за што овој величествен Божикен ден е повеќе од празник.
– Тоа е настан што ја смени и смислата и целта на човечкото постоење како и историјата на сметот. Христовото доаѓање на земјата е настан што постојано се повторува. Христос се раѓа во душите на верниот народ и го просветува, се раѓа во срцата и ги исполнува со љубов, се роди како човек за и ние да се родиме во Бога. И постојана е потребата од Господа Христа. Тој им е потребен на сите генерации во сите времиња. Само со Христа можеме да ги решиме сите недоразбирања, да ги премостиме сите меѓусебни далечини и да ги надминеме сите разлики меѓу нас. А за да го постигнеме тоа потребна ни е силата на Христовиот дух кој од секого прави нов човек, човек обновен во Христа. Да се потрудиме овој Бадник да го доживееме подготвени и со чувство дека навистина сме достојни учесници во спасоносниот настан на Христовото рождество, рече г.г. Стефан.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски им го честиташе Бадник на сите кои го празнуваат, им посака здравје, среќа и успех и да ја поминат бадниковата вечер во рамки на своето семејство со посна вечера.