Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска – Ременски оствари средба со известителите на Комисијата за почитување на обврските и заложбите на земјите членки на Советот на Европа (мониторинг комисија).
Во составот на делегацијата беа Лиза Кристоферсен од Норвешка, од Групата на социјалисти, известител на пост-мониторинг дијалогот со Македонија, Валериј Гилечи од Молдавија од Групата на европски народни партии, известител на пост-мониторинг дијалогот со Македонија и Силви Афхолдер секретар на Мониторинг комисијата на ПССЕ.
Главни теми на дискусија, како што соопшти Кабинетот на министерката Ременски, биле имплементацијата на Спогодбата од јуни 2015 година, особено изборните реформи и законите за медиуми, последните случувања во областа на човековите права, владеењето на правото и демократијата, продолжувањето на имплементацијата на Резолуцијата 1949 (2013) за Пост-мониторинг дијалогот со Република Македонија, како и напредокот во однос на соработката со Советот на Европа, по Препораката 2022 (2013).
– Посебен акцент на средбата и сфера на интерес на известителите на мониторинг мисијата беше создавањето на фер и демократски избори согласно со договорот од Пржино, како и улогата на министерот за труд и социјална политика во Владата на Република Македонија. При тоа тие се интересираа колку се исполнети обврските од договорот за фер и демократски избори, за фер шанса во медиумскиот простор и за процесот на прочистување на избирачкиот список, се наведува во соопштението.
Ташевска-Ременски ги информирала известителите за клучните активности што се спроведени во изминатиов период, како во однос на тековното работење на Министерството и институциите под негова надлежност, така и во однос на соработката со нив.
– Потенцираше дека се преземаат конкретни мерки за откочување на претходно закочени процеси во Министерството и отстранување на сите можни извори на злоупотреби на институциите во цели кои не соодветствуваат со потребите на процесот. Информираше дека таа и нејзиниот тим се посветени на работата согласно со Закон и работа исклучиво во функција на приближување на услугите. Министерката информираше дека донесувањето на подзаконските акти за заштита на личните податоци како законска обврска која постоела, но не била исполнета е уште еден показател дека заштитата на правата на граѓаните е обврска, а не волја и право на избор, стои во соопштението.