Смрзнуваат пациентите на инфективно во Велес, на своја одговорност ја напуштаат болницата оти нема греење

Од:

Нема греење во инфективното одделение на велешката болница. Смрзнуваат и пациентите во амбулантите и оние на болничко лекување. Славица Трајкова, инфектолог во болницата, за „А1он“ вели дека инфективното одделение нема греење оти топлата вода додека стигне кај нив се лади, а никој не се ангажира да го реши проблемот.

„На температура од 10°Ц во просторијата на специјалистичка амбуланта се прегледуваат пациенти, од деца, па до највозрасни… Ништо поразлично и во болничките соби…Ама таму има ќебиња. Инфективно одделение е надворешен објект и долги години има проблем со греењето. Парното во болницата е  вклучено 2-3 часа наутро и 2-3 часа во вечерните часови, но до инфективното одделение топла вода не иде, се лади додека стигне. Изминатите години на пациентите им се дозволуваше користење  грејни тела во собите кои сами ги носеа од дома. Сега е ужас. Се потпишуваат на своја одговорност поради условите и го напуштаат одделот. Проблемот со линијата за парно греење не се реши, а и тешко е во услови на криза од секој аспект“, вели доктор Трајкова.

За проблемите таа се пожали и на социјалните мрежи. Објави фотографија од термометар кој покажува 10 степени и пиша дека одделот за инфективни болести треба да биде награден за штедење енергија, а се пожали и дека додека управата на болница се фали со нови апарати, тие сами си купуваат стетоскопи за да можат да работат, а нема ниту исправни апарати за крвен притисок, ЕКГ ниту пулсоксиметри.

Директорот на ЈЗУ Општа болница Велес, Божидар Бојаџиев, не даде објаснување за проблемите што ги посочуваат и пациентите и вработените. Не одговори ниту на телефонскиот повик ниту на пораката од „А1он“.

Пред почетокот на грејната сезона кај инфективното одделение на болницата имаше отворена дупка во која се гледаа цевките за греење. Директорот Бојаџиев рече дека дупката е ископана поради проблем со греењето за кој објасни дека ќе биде надминат пред почетокот на грејната сезона. Вработените велат дека дупката е затворена, но проблемот со греењето е ист како и претходните години.

Би можело да ве интересира

Велешкото инфективно се сели во модуларната болница за да има греење

Маја Илиевска-Пачемска