Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова посакува час поскоро опозициската СДСМ да ја надмине кризата и да стане силна опозиција и активен фактор во општеството.
Сиљановска-Давкова денеска во изјава за медиумите рече дека во суштина не коментира внатрепартиски прашања, но дека според неа е важно опозициската СДСМ да ги надмине проблемите и повторно да стане силна опозиција бидејќи тоа, вели, е здраво за демократијата.
– СДСМ има статус, има пограма и други акти и внатрепартиски структури, постојат демократски начини на решавање на проблемите и мислам дека тоа е добро, прво за нив, но и за сите нас, бидејки без силна опозиција не може да има демократија, да има Парламент што ќе носи добри одлуки бидејќи тие се коректорот на власта. Посакувам час поскоро со помош на членството да ги надминат проблемите. Со вакви проблеми, многу партии се соочувале не само кај нас, туку и надвор. Мојата порака е дека оваа партија има долга историја, меморија, имала големи победи и успеси, и како и другите партии имала и кризи. Се надевам дека од кризата ќе излезат со нови решенија и ќе станат повторно активен фактор и актер на македонската демократија, изјави Сиљановска-Давкова, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на училиштето „Партенија Зографски“ во Скопје.
По барање на лидерот на СДСМ Венко Филипче вчера целото раководство на партијата заедно со членовите на Извршниот одбор поднесоа оставки. Според најавите на Филипче, за две недели треба да се свика Централниот одбор на партијата кој ќе треба да се изјасни за новите членови. Како што изјави Филипче, се бараат најквалитетните и најкомпетентни личности.
