Шест лица утрово се приведени за организиран криминал под сомнение за перење пари, во продолжение на акцијата „Диригент“, која е насочена против Франкфурт мафијата.
Акцијата, како што информира денеска портпаролот на МВР Иво Котевски, се одвива во неколку градови, односно претреси се извршени во Скопје, Велес и во Штип.
– Лицата се приведени врз основа на претходно обезбедени докази и сознанија на Одделот за организиран криминал поради основано сомневање дека извршиле кривично дело „перење пари“ кои според нашите сознанија и информации преку незаконска продажба на наркотици главно на територијата на Австрија и Германија, потоа парите биле трансферирани во Република Македонија, изјави Котевски.
Полицијата, додаде тој, продолжува да постапува во соработка со Јавното обвинителство. Доколку има потреба ќе бидат извршени дополнителни претреси и по завршување на разговорите приведените ќе бидат изведени пред истражен судија.
Повеќе детали полицијата најави за текот на денот или утре.
Акцијата „Дитригент“, МВР во два наврати ја реализираше во соработка со Австриската и Германската полиција.