Седум фактури со вкупна сума од речиси 58 милиони денари биле исплатени кон фирмата „Интерхолдинг“, која пак немала никакви други соработки освен онаа со владата, потпишана од тогашниот генерален секретар, Мухамед Зеќири, кажа обвинителката Катерина Коларевиќ на завршните зборови.
Процесот почнал кога на предлог на вицепрмиерот Фатмир Битиќи, владата заклучила дека е потребно да се спроведе постапка за да се направи физибилити студија во врска со македонски пошти и Железници Транспорт. Задолжен за постапката бил Мухамед Зеќири како генерален секретар.
„Сега обвинетиот во својство на генерален секретар на владата, сметајќи дека постапува по задолжението, презел службени дејствија, но ги пречекорил службените овластувања. Наместо да спроведе постапка за Јавна набавка, тој без спроведување на постапката, постапувајќи спротивно на Законот за јавни набавки, склучил директно договор со правното лице „Интерхолдинг“, кое било основано само 12 дена пред донесувањето на заклучокот од страна на Владата. На 26.04.2021 година е склучен договор за деловна соработка помеѓу „Интерхолдинг“ и Даниел Иванагиќ, со кое го овластува Иванагиќ за се што претставува подготовка и испорака на се што било договорено со Владата“, рече Коларевиќ.
Според обвинителката, имало 7 фактури со вкупна сума 57.932.100 денари, кои биле во целост исплатени од страна на владата.
„Очигледно е дека правното лице од моментот кога било основано, извршило една единствена соработка, а тоа е договорот склучен со владата. При извршениот увид од страна на правосудната полиција на 13 април 2022 година е утврдено дека седиштето е заклучено, не се пронајдени вработени лица, ниту пак имало вработени лица. Ниту пак управител или сопственик биле пронајдени. Правното лице немало исплати кон други правни лица, па се заклучува дека имало една единствена соработка, со генералниот секретаријат на владата“, посочи Коларевиќ.
Според нејзините зборови, фирмата „Интерхолдинг“, најголемиот дел ги има исплатено на личната сметка на обвинетиот Даниел Иванагиќ, кој лично си ги има подигнато парите. Тој имал и уште една соработка поврзана со Мухамед Зеќири.
„Предлагам судот да дозволи и спреведе конфискација, а воедно да го задолжи обвинетиот со надомест на износот кој претставува штета на буџетот согласно дописот на државното правобранителство“, кажа обвинителката.