Пуштена во употреба реновираната детска градинка во с. Миравци

Од:

Денеска се одржа свечено пуштање во употреба на реновираниот дел од детската градинка Детска радост (објект Миравци) во с. Миравци. На свеченоста, во присуство на деца и родители од с. Миравци и високи претставници на општина Гевгелија, реновираниот дел од градинката го пуштија во употреба претставници на УНХЦР Скопје и Данскиот совет за бегалци (ДРЦ). УНХЦР Скопје и ДРЦ, со финансиска поддршка од Одделението на Обединетото Кралство за меѓународен развој (ДФИД), годинава го спроведуваат проектот за поддршка на локалните заедници што им подадоа рака на бегалците во текот на последните неколку години.

Претставникот на канцеларијата на УНХЦР Скопје, г. Саша Валаџија, во своето обраќање пред локалното население рече: „Задоволство ми е што можеме ние од УНХЦР, заедно со нашиот партнер, Данскиот совет за бегалци, да направиме нешто за локалната заедница што досега толку многу има направено за да им помогне на бегалците кои бегаат од војната во Сирија, Авганистан, Ирак и од други земји каде што не се безбедни. Со овој гест се потврдува дека хуманоста се враќа со хуманост или како што вели една поговорка што ја научив од колегите тука, а мене особено ми се допаѓа –
раката што дава не се суши. Ви посакувам постојано да имате и да давате.“

Реновирањето на детската градинка во Миравци е првиот од десетте проекти што се пушта во употреба. Вториот проект што исто така беше претставен денеска е новото спортско игралиште во кругот на училиштето и детската градинка во с. Богородица, исто така во општина Гевгелија. Третиот завршен проект е изградба на заштитна ограда околу основното училиште каде што учат деца од Лојане и Ваксинце. Трите завршени проекти заедно чинат 1,5 милиони денари.

Дополнително, следува спроведување на проекти во Гевгелија, Моин, Прдејци, Стојаково, Удово, Николиќ на југот и во селото Сопот на северот на државата. Овој проект е специфичен по тоа што интервенциите се договараат заедно со локалната заедница во секое населено место со цел да се одговори на најгорливите прашања на заедницата.

Би можело да ве интересира

Во Миравци асфалтирани три улици

Ана Ололовска