Зајакнати капацитети на организациите на лицата со хендикеп, развиена национална платформа меѓу организациите на лицата со хендикеп, зајакнат граѓански дијалог и подигната свест за прашањето на хендикеп како прашањето за човекови права се очекуваните резултати од денешната промоција на проектот „Margina Obscura- прашањето на хендикеп во пристапувањето кон ЕУ“.
Проектот, кој е во организација на Полио Плус и Агенцијата за соработка, едукација и развој од Бања Лука, ќе обезбеди мали грантови и обуки со цел да им овозможи на локалните организации на лицата со хендикеп нивен придонес во следењето на политиките на национално и ликално ниво.
Раководителот на одделот за инфраструктурни, земјоделски и социјални политики при Делегацијата на ЕУ Мауро ди Вероли нагласи дека активностите на проектот се поддржани од ЕУ и порача дека е потребно здружување на силите за надминување на бариерите со кои се соочуваат лицата со хендикеп.
– Под бариерите со коишто се соочуваат лицата со хендикеп не мислам само на физичките бариери туку и со оние стереотипи коишто постојат во општеството со коишто секојднево се соочуваат, истакна Вероли.
Според него најчести проблеми односно бариери со кои лицата со хендикеп се соочуваат се инфраструктурните проблеми односно пристапот до објекти, но и со стереотипи како што е споредбата со лицата кои немаат хендикеп.
Елена Кочоска од Полио Плус појасни дека во следните 24 месеци ќе се работи на создавање национална платформа на организации на лицата со хендикеп, како и на подигнување на нивниот капацитет.
Главна цел на проектот е да го зајакне влијанието на граѓанскиот сектор при креирањето на јавните политики, донесувањето на одлуки и зајакнувањето на граѓанскиот и политичкиот дијалог. Тој, според организаторите, треба да придонесе кон создавање „единствен глас“ на организациите на лицата со хендикеп.
Проектот е фокусиран на организациите на лицата со хендикеп кои го промовираат пристапот насочен кон човековите права, општините и националните креатори на политики.