Претседателот на имунитетната собраниска комисија: Пратеник не може да се повика на имунитет ако полиција му прави преглед или пак претрес со налог

Од:

Претседателот на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања во Собранието, Панчо Минов, која расправа за имунитетот за пратениците, е дециден дека пратеникот Димитар Апасиев немал право да се повика на имунитетот пред полицајците кои му вршеле контрола на возилото. Минов вели дека полицајци смеат да извршат и полициски преглед, но и претрес со налог, без да му се симне имунитетот на пратеникот. При ваква контрола, пратениците не уживаат заштита.

„Не може да се повика на имунитетот ако пратеник е запрен од полиција за преглед или претрес со судски налог, затоа што имунитетот е само за говор на говорница и гласање во работните тела и пленарна седница. Претходно, беше така, за се, за кривични и прекршочни работи. Сега така е во Србија. Со измените на Уставот, се прецизираше дека пред притвор мора надлежниот орган да бара согласност и во однос на тоа што е кажано од говорница – нема клевета за гонење, навреда. Тоа е за во Собрание. Надвор од Собрание е подеднаков со сите граѓани“, рече Минов.

Според Минов, по пријава од граѓани или институции дека пратеник се повикал на имунитет кога тој не му важел, може да расправаат членовите на Комисијата за мандатно имунитетни прашања.

„Ова не е злоупотреба на имунитетот, туку погрешно повикување на имунитетот. Ние работиме по пријава, ако биде пријавен од граѓани или надлежен орган – ќе расправаме за тоа. Не работиме самоиницијативно. Како санкција може да се изрече јавна опомена, опомена или јавно да се објави“, додава Минов.

Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, објави статус во кој сподели случка, при што го запрел полициски службеник, кого го нарекува „џандар“ со обичен курс, му било побарано да направи алко-тест, а во автомобилот претрес, поради поседување на недозволени супстанци. Апасиев напиша дека не му бил извршен претрес бидејќи имал уставен имунитет, со оглед дека е пратеник.

Претходно, реагираше и професорката и доктор по правни науки, Мирјана Најчевска. Таа порача: „Немој да се претставуваш како професор по право, ако не си го познаваш правото“. Со реакција се јави и претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев. Тие објаснија кога може пратеник да се повика на имунитет, обраќајки му се на Апасиев со „Кога сме кај имунитетот, да ви дадеме бесплатна лекција по право“.