Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово-Божиќ. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.
По повод Божиќ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое се вели:
Возљубени чеда во Господа,
Денес, на овој спасоносен ден, ликуваат ангелите и светиите на небесата, а ние верните се радуваме на земјата. Ветениот Месија, за Кого пророците пророкувале и праведниците Го очекувале, Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се родил во времето: слегол од небото на земјата придружен со песни на ангелите, дочекан од пастирите и даруван од мудреците.
Во спомен на тој спасоносен настан, еве, по милоста Божја, и ние чествуваме молитвено и серадосно, славословејќи со благодарни служби и со несекојдневно духовно расположение. Денес Господ, заради нас луѓето, се понижил и го зел нашето тело, за да нè ослободи од ропството на гревот и смртта, за да ни дарува живот во вистината и радост која никој не може да ни ја одземе. Денес милостивиот Бог, на човечкиот род повторно му ги отворил вратите на рајот, покажувајќи му го благословениот пат за обожување. Бог Отецот благоволил да Го испрати Својот возљубен Син, за да нè помири, нас создадените, со Себе – Беспочетниот, па преку тоа соединување да ни даде можност повторно да станеме учесници во Божјата природа. Всушност, со воплотувањето и со рождеството на Синот Божји, на светот му се дарувани мир и сеопшта радост.
Сезнајниот Бог, согледувајќи ја немоќта на човекот сам да се спаси, Го испратил Својот Единороден Син – Новиот Адам, Кој поднел дури и крсна жртва за да го обнови и врати она што се изгубило со престапот на прататкото Адам. Ете, тоа Божјо човекољубие е причината што денес ликува сета вселена – славејќи го помирувањето меѓу Бога и човекот. Затоа Светата Црква, потсетувајќи се на спасоносниот настан, повикува: „Пријдете, Христоносни луѓе, да го видиме прекрасното чудо – кое го ужаснува секој разум и набожно воспевајќи го да се поклониме…“– „Торжествувај Сионе, весели се Ерусалиме, граде на Христа Бога! Дочекај Го Создателот Кој се сместува во пештера и во јасли… Оној што во раката го држи сето создание – Животодавецот Господ, Кого што со непрестаен глас Го воспеваат ангелите и Кој нашиот род го спасува“. Впрочем, ова божикно радување се повторува на секој христијански празник, па и сите денови нè потсетуваат на витлеемскиот настан – на секоја Утринска богослужба радосно се пее: Бог Господ ни се јави, благословен е Оној, Кој доаѓа во името Господово!10 Тоа, всушност, е постојано празнување на Божик, тоа е секојдневно радување на спасоносното и неповторливото рождество – радување на Христовото доаѓање на земјата.
Со Витлеемскиот Богомладенец, Кој се јави во тело, се покажа сè што е Божјо и совршено. Тој дојде во овој свет за да нè вооружи со Своето непобедливо оружје, зашто во Него телесно живее сета полнота на Божеството. Затоа, ширум да ги отвориме нашите души и срца и да ги претвориме во пештери и јасли на покајание, во кои ќе Го положиме и ќе се всели Несместливиот.
Синот Божји, доаѓајќи во човечко тело, како Богочовек, потврди дека Бог ги љуби светот и човекот. А каде е љубовта, таму е и самиот Бог, оти Бог е љубов. Ние, пак, луѓето, колку љубов имаме во себе, толку сме блиску до Бога и по тоа Тој нè препознава. Затоа и ни порачал: … да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. И ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја. И свети Максим Исповедник, богословејќи за смислата на денешниот празник, говори: „Божјото Слово, откако еднаш се роди во тело, сака вечно да се раѓа духовно за оние коишто Го љубат“16. Човечкиот род веќе дваесет столетија Го слави Оној Кој од човекољубие ја прими нашата природа и повторно ни го дарува изгубеното достоинство, па затоа апостолот истакнува: …кога така нè возљуби Бог, тогаш и ние сме должни да се љубиме еден со друг.