Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по предметот во јавноста познат како „Јагула“, до Основниот суд Скопје 1- Скопје поднесе Обвинителен акт против А.П. за едно продолжено кривично дело -Злоупотреба на службената положба и овластување и кривично дело Примање поткуп и против Г.С. како помагач за едно продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.
Во ноември 2014 година, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 16 лица, меѓу кои за пет државни службеници вработени во Општина Охрид и пет управители на трговски друштва. Осомничените се товареа дека во периодот од 2006 – 2013 година при вршење на јавни набавки за потребите на Општина Охрид, сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување и други кривични дела, со што за други правни лица прибавиле имотна корист од околу 112 милиони денари, а на штета на општината.
Во текот на минатиот месец, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со обвинетите Б.К., С.К, З.Ш., Е.С. и Ј.Л. склучи Предлог – спогодби. Обвинетите како помагачи врз основа на Предлог – спогодба се правосилно осудени со Пресуди за едно продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување. За останатите девет лица донесена е Наредба за запирање на постапката, соопштија од обвинителството.