Во Скопје вчера почина проф. д-р Цветанка Најчевска (1931-2013), редовен професор во пензија на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Професор Најчевска работеше во областа на генетиката, семепроизводството и експерименталната статистика на додипломски и постдипломски студии. Учествуваше во настава на интердисциплинарен постдипломски студиум на МАНУ од областа на молекуларната биологија и генетско инженерство и беше проректор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1990-1992 година.
Беше ментор на многубројни магистерски и докторски дисертации. Исто така беше визитинг професор на универзитетот „Ломоносов“ во Москва.
Професор Најчевска имаше повеќе студиски престои во странство, од кои најважни за нејзината истражувачка дејност се центрите за генетика и производство на растенија во Франција, Холандија, Шпанија и Италија. Таа беше кокреатор на седум видови земјоделски култури.
Има објавено над 80 трудови во домашни и странски списанија од областа на генетиката, семепроизводството, одгледувањето растенија и експериментална статистика. Во 2002 година ја објави книгата „Експериментална статистика: применета во земјоделските и биолошките истражувања“, а во 2011 година во коавторство со проф. д-р Цане Стојковски „Терминолошки речник: генетика, селекција, семепроизводство, биометрика.“
Посмртните останки на професор Цветанка Најчевска ќе бидат изложени утре во капелата на гробиштата „Бутел“ во 13:00 часот, а погребот ќе биде во 14:00 часот.