Писмо од вработена во СП: Директорите не третираа како робови

Од:

Тешката состојба во која се наоѓа компанијата Скопски пазар продолжува да ја преокупира македонската јавност, а вработените сè повеќе го креваат својот глас околу состојбите во претпријатието.
Во писмо испратено до медиумите, вработена во СП алармира за состојбите во фирмата и протестира против односот на актуелното раководство на Скопски пазар кон своите вработени.

„Јас сум една скромна продавачка од Скопски пазар (една од многуте) која секогаш ја сметале за мирна и недоволно паметна да ги чита економските зделки во „нашата“ фирма, но така и е. Пред себе ја имам јубилејната книга „50 години Традиција 1952-2002“. Со солзи во очите, горчина во душата, го читам воведниот збор на директорот на АД Скопски пазар – Трајко Давитковски. Ќе го цитирам: „Педесет години, непрекинати години во кои континуирано се вткаени нишките на традицијата на еснафот и на домаќинскиот дух. Во СП оставиле дел од себе сите оние што работеле во ова претпријатие и сигурен сум дека со истиот домаќински дух ќе вградат дел од себе и генерациите што ќе дојдат по нас“. КОБНА ПРОЦЕНКА – особено за неговите синови кои не само што не поседуваа домаќински дух – напротив покажаа крајно нечовечко однесување кон вработените и растурање на имотот на фирмата,“ се вели во писмото.

Според вработената во СП, процесот на одземање на контролата на работниците врз фирмата почнал одамна, но кулминирал со неодамнешното продавање и издавање на атрактивниот имот на Скопски пазар.

„Во март 1997г. го потпишавме договорот за доприватизација по принципот – Откуп на претпријатието од вработените.Процесот се заврши а ние продавачките бевме крајно изманипулирани. Директорот пушти атаци по нас (негови роднини, довчерашни неписмени шоферчиња и сл. кои буквално вршеа разни притисоци за да ги претвориме нашите обични акции во приоритетни. Сега. директорот Сашко Давитковски без ни малку совест, ги даде СП-маркетите на други фирми, нас продавачите не исфрли како партали на улица. Некои како мене се пред пензија со приоритетни акции без право на глас кои не вредат ништо. Точно е тоа дека ние оставивме дел од себе во ова претпријатие но добивме само болести, понижување од нестручен кадар – пример директорка на Трговија завршила Филолошки-Турски јазик, сега сме во безизлезна сиромаштија,“ пишува во писмото.

Вработената ја лоцира вината за состојбите во СП кај првите луѓе на компанијата, кои според неа, не направиле ништо за работниците.

„Директорот требаше да комуницира со нас, а не да не гледа како робови кои не земаат плата, акционерите не земаат дивиденда а тој го продава нашиот имот – имотот на акционерите. Водачот на една фирма е свесен за сите злоупотреби, одговорен е за продажбата на имотот на акционерите, продажба на дуќаните, деловните простори и на крај дојде редот на срцето на СП – Бит Пазар,“ се вели во писмото.

Како што веќе објавија медиумите, Скопски пазар е во милионски долгови, а компанијата ги продава или издава своите најатрактивни недвижнини за да ги исплати долговите кон банките и добавувачите. СП во последните месеци целосно го напушти бизнисот со чија помош беше изградена фирмата – малопродажбата. Сите некогашни супермаркети на Скопски пазар во Скопје сега се издадени на довчерашните конкуренти на СП – Зур и Кит-го.

Би можело да ве интересира

Што ако првите луѓе на Скопски пазар бидат осудени за криминал со акции?

Наум Локоски

Продолжува распродажбата на имотот на Скопски пазар

Наум Локоски

Скопски пазар продал имот по трипати пониска цена од пазарната

Наум Локоски

Стартува судски процес против раководството на Скопски пазар за криминал со акции

Наум Локоски

Судот го прифати обвинителниот акт против првите луѓе на Скопски пазар

Наум Локоски

Директорите на Скопски пазар на суд за сомнително купување сопствени акции

Наум Локоски