Писмо од постдипломка до Професорскиот пленум

Од:

Професорскиот пленум доби писмо од студентка на постдипломските студии кое го пренесуваме во целост:

Ви се обраќам, со должна почит.

Однапред Ви се извинувам за мојот сиромашен речник и правописни грешки.

Драги професори во ПП,

Ве следам многу многу малку, практично повеќе ги следам оние кои ве критикуваат или поддржуваат… си имам и јас свои студентски маки и идеи како да ги пребродам.

Но, ваков впечаток добив:

Се сретнавте после долги години, се запознавте. Мило Ви беше. Се погледнавте. Си видовте многу во очите – од страв до храброст, од безнадежност до идеи. Пуштивте глас, се мислевте што да кажете, се прашувавте како ќе Ве разбере непознатиот колега, интелектуална ли е Вашата мисла како и неговата. Се потврдивте. Се признавте меѓу себе.

Започнавте да комуницирате, но не во групи, не по факултети, туку на универзитетско ниво… на академско ниво – сите заедно.

Надеж се пробуди во нас: „Еј! Професорите ја споделуваат мислата, се борат за универзитетските прашања, застанаа до студентите! Еј! Не се мртви човече! Станаа од фотељите, подадоа глави од лабораториите, излегоа од филмот! Еј! Не биле академски снобови! Еј! Види ги дојдоа! Секоја чест!“

Драги професори, знаете ли што значи ова за нас? Свесни ли сте дека ова се реални зборови, со емоции кажани! Со радост и насмевки! Се сеќавате, нели? Како заборавени пријатели, со топлина се сретнувавме, во борба за одбрана на студентските права и универзитетската автономија, за академската слобода.

Така и почнавме… со надеж. А, надежта ја изневерија народните избраници и некои од вашите колеги, односно оние на кои им беше дадена институционална моќ за донесување одлуки.

Но, институциите се транспарентни дури и во трулоста, студентите го препознаа тоа, го препознавате и вие.

Се посветивте на комуникацијата, колега со колега, човек со човек, академска заедница со народ. Секој со секого разговара, секој сака да придонесе, некој допрва се буди, некој кафе пие и не му се верува, некој е на пладне и вреска од реалноста, некој веќе грло го боли и гладен е за ум, некој е уморен и загрижен, некој кафе допива – му се бистри мислата и се втурнува пак во дискусија. Станавте заедница!

Не се откажувајте!

Дискутирате, аргументирате, и тоа на оние теми за кои ние сме учеле по историја додека сме биле деца (а сме растеле со транзиции и преродби), и на чија сметка партиите добивале гласови до сега. За даскалството, за уставноста, за универзитетот, за правата, за вистината, за граѓанството, за еднаквоста, за солидарноста, за честа, за срамот, за скромноста, за македонските работи и за братството, за темелноста, за дoстоинството… НО, СЕГА ВИЕ РАЗГОВАРАТЕ ЗА ТОА!

И НЕМОЈТЕ ДА ПРЕСТАНЕТЕ!

Затоа што духот ми се збогатува со Вас!

Умот ми се развива, учејќи од Вашиот!

А, имате и Вие што да учите од нас, знаете нели? Шашава младина сме, се гордееме со технологијата (а реално само телефони имаме), ја сакаме едноставноста, го сакаме животот и соживотот. Се почитуваме, се нарекуваме „брат“! Се самоорганизираме!

Заедно можеме да се борме против говорот на обесхрабрувањето и да го научиме говорот на поддржувањето!

Имаме заеднички цели: Враќање на академското достоинство, враќање на дијалогот и дебатата како одлика на човековата цивилизација! Враќање на аргументираната дискусија – интелектуалната комункацијата!
Верувам – не се само овие. Верувам дека секој од Вас има свој крик и се бори да го извика

Затоа, Ве молам, учете ме како напред, нагоре!
Продолжете!

Со почит,
Студентка на втор циклус студии

Би можело да ве интересира

Пленумци не сакаат да се сретнат со „контрапленумци“, ќе го чекаат ветото од Иванов

Емир Латифовиќ