Поранешниот амбасадор и министер Слободан Чашуле, попознат по својот татко кој беше дел од судењето на првиот претседател на Македонија-Методија Андонов Ченто, кога го осудија во монтиран процес, како по обичај има две вистини по потреба.
Едната, ја кажа вчера на трибината „Што значи да си патриот во денешно време“ и притоа нагласи дека забележал дека Љубе Бошкоски бил во друштво на Слободан Милошевиќ, додека Јохан тагувал за Македонија. Какво лицемерие-едни демек во Шевенинген имаат добар пристап и привилегии, а кон другите затворот е суров.
Да, господине Чашуле, но како да ви верувам за она што го зборувавте на вчерашната трибина, кога ве познавам добро и сведок сум на едно друго и понакво кажување од ваша уста.
Да ве потсетам, во Шевенинген вие бевте со Есад Рахиќ, знаете добро како член на која делегација бевте таму. Но да бидам попрецизен. Од пред вашата куќа со автомобил на екс министерот Љупчо Балкоски и екс пратеничката Валентина Божиновска и јас, Раде Милосовски ве зедовме и заедно се упативме четворицата на трибина во Кичево. На трибината имаше околу 200 граѓани меѓу кои и поранешните пратеници Војо Стојановски и Александар Флоровски.
Да ве потсетам дека по пат бевте многу расположени да зборувате на темата за посетата на Шевенинген и вашето позитивно мислење за Љубе Бошкоски, „дека невин лежи во белосветските затвори, дека правдата ќе победи, дека Љубе не е виновен за никакви злодела, дека се знае кој беше врховен командант, дека се знае што се случи на Љуботен“.
Ова се лично ваши зборови Слободане. Ги кажавте пред нас, тројцата ваши сопатници, а при тоа кажавте и што мислите за Јохан. Нормално, зборувавте негативно на трибината во Кичево со која претседавав јас, Раде Милосовски.
Покрај многуте дискутанти ви дадов збор и вам и ја кренавте салата на нозе, зборувајќи за херојот Љубе во Шевенинген, за храброста, за буквално со ниту неден збор да не го спомнете Јохан, кој сигурно не постоел за вас, бидејќи вие најдобро знаете каде и кога се лови популарност.
Чашуле, вие дури на крајот агресивно се нафрливте против Груевски и неговите соработници, дека го издале кодот на ВМРО. Ова засега е само еден мал доказ на луѓе со име и презиме и преполна сала со кичевчани за тоа што зборувавте во ова мало патритско гратче и она што вчера го кажавте.
Некои од моите сограѓни вчера искоментираа: „Што душа носи овој и дали ја има овој дволичен човек“? Но тоа е ваше, народот слуша и нека пресуди кој е во право.
Вториот екс министер во владите и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, професорот Владо Поповски, сегашен советник во град Скопје, за жал како професор, побара „Љубе да прифател одговорност во Хаг“.
Е, па Владе, не да не сте професор, и на лаик му јасно кој беше врховен командант во 2001 година. Хаг суди со докази, а јас ќе ве потсетам дека во двете пресуди од Хаг, професоре, никаде не стои дека Љубе Бошкоски го спомнал Јохан Тарчуловски за да се извлече тој. Тоа го има само во монтажата на провладините медиуми по налог на власта, а штета што јавноста не може да погледне за што се работи и дали Љубе го предал Тарчуловски. Тоа беше потреба за да се уништи Бошкоски со голема лага, но жално е што вакви луѓе го разединуваат македонското ткиво.
Вие двајцата храбри толкувачи, треба да се засрамите и да гледате и да се учите како се гордее народ и држава со своите, како што тоа го видовме тоа во Хрватска.
Да, Македонија добро знае кои се нејзините патриоти, а кој расколници кои наскоро ќе завршат на ѓубриштето на историјата.
П.С. Јавна тајна е зашто сега одработувате и со вакви инструменти се користите. За дипломатијта се учи, но вие се надевате дека на овој начин ќе го убедите Груевски да ви го отвори патот во дипломатијата. Сепак, вистината излегува на виделина и победува, исто како со случајот на Ченто. Чашуле тоа најдобро го знае, ама по се изгледа треба да се потсетува од време на време.
Раде Милосовски
* Ставовите изнесени во рубриката Колумни и Писма се ставови на авторите и редакцијата на А1он не сноси одговорност и се оградува од изнесените содржини во нив. Изнесените ставовите не ја одразуваат уредувачката политика на А1он.