Манифестацијата „Паланечка компиријада 2014“ што денеска се одржува на Градскиот плоштад во Крива Паланка, привлече голем број гости од Скопје, Кочани, Куманово, Кратово, Штип и околните градови. Тие дегустираат специјалитети, разновидни јадења, солени и слатки деликатеси со посебна декорација направени од вештите раце на домаќинките.
Манифестацијата се организира под покровителство на општина Крива Паланка, во соработка со Градскиот музеј, на Денот на големиот верски празник „Свети Димитрија“ кој е патронат на градската црква.
– Паланечката компиријада се одржува вторпат и заслужува да стане традиционална зашто компирот е вистински амбасадор на Крива Паланка. Тој е неизбежен продукт на секојдневната кривопаланечка трпеза, одгледан во еколошка средина, се издвојува со својот вкус и еден од најквалитетните компири во земјава што го бараат бројни потрошувачи, вели Весна Ќурчиќ Величковска, иницијатор на оваа единствена манифестација.
Учесниците ќе се натпреваруваат и во брзо лупење компир, најдолга лушпа и најголем компир за кои се обезбедени награди, а како подарок на повеќе лица ќе им бидат подарени и врекички компири, информира Величковска.
– Осоговскиот компир е меѓу највкусните и најбараните во земјава, еден од препознатливите брендови на Крива Паланка и со оваа манифестација сакаме уште повеќе да го афирмираме и достојно да ги презентираме неговите квалитети, истакна градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.
Манифестацијата е проследена со богата културно-уметничка програма, а ќе бидат презентирани и благотворните и лековити својства на компирот.