Осоговието и Ченгино Кале да се прогласат за Парк на природата

Од:

Во постапката е прогласување на Осоговските планини и на Ченгино Кале во малешевскиот регион за Парк на природата, информира раководителката на Центарот за развој на Источниот планскиот регион Драгица Здравева.

Таа појасни дека 11 градоначалници од Источниот планскиот регион донеле едногласна одлука за Осоговието, кое се простира на територија на неколку општини и Ченгино кале во Берово, да се прогласи за заштитна зона од четврта категорија.

– Ние во источниот регион немаме заштитени подрачја, за разлика од нашите бугарски партнери, кои ги имаат националните паркови Рила и Беласица и можат да влечат доста средства. Ние веќе имаме некои чекори во позитивна насока, бидејќи пред еден месец на база на анализите и на студиите, кои што ги изготвивме, повторно со донаторот Швајцарската конфедерација на Програмата за зачувување на природата од првата фаза, поднесен е предлог за номинирање на Осогово и на Ченгино Кале за Парк на природата, рече Здравева. Додаде дека прогласувањето Парк на природата за општините од источна Македонија ќе значи полесно и побрзо да добиваат средства за проекти од Европската унија.

Паркот, како што рече, ќе се просторира на територија на неколку општини и ќе има површина од над 50.000 хектари, а корист од него ќе има и месното население.

Таа информира дека заедно со Македонското еколошко друштво и донаторот изработуваат комплетен план за комуникација со цел да го слушнат мислењето на жителите на регионот.

Градоначалниците од истокот, како и донаторот за овој проект при посетата на Бугарија констатирале дека во делот на руралниот туризам источниот сосед е шест чекори напред.

Прогласувањето на Осоговските планини и на Ченгино Кале во малешевскиот регион за Парк на природата се очекува наредната година.

Би можело да ве интересира

Осоговијата најпогодна за развој на планинскиот велосипедизам и планинарењето

Ана Ололовска

Обележани планинарски патеки низ Осоговијата

Ана Ололовска