Околу 300 деца на свечената Бадникова литија низ улиците на Охрид

Од:

Околу 300 деца беа дел од свечената Бадникова литија што по четврти пат денеска се одржа во Охрид. Тие со оваа поворка низ централните улици во градот и со пригодни коледарски песни го најавија највеселиот празник во православието – Раѓањето Христово „Божик“.

Литијата започна во 10:30 часот пред црквата „Св. Георгиј“, преку улиците ,,Јане Сандански“ и Кејот на Охридското Езеро до Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“. Тука децата ги пречекаа претставници на локалната самоуправа кои ги даруваа со подароци.

Гордана Коњаноска, претседател на Советот на Општина Охрид, истакна дека литијата претставува голем хор од мали деца кои пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ низ градот го навестуваат Христовото раѓање.

– Ова е празник кој го чествуваат најголемиот дел од граѓаните на Охрид и ние се приклучуваме кон она што значи одбележување празници значајни за градот, рече таа, посакувајќи им на сите граѓани личен мир, спокој и божја заштита на верниците.

Летка Филипова од Организацискиот одбор на Бадниковата литија изрази задоволство што студеното време не ги поколеба децата да бидат дел од оваа поворка, што има за цел продолжување на старата изворна и духовна традиција за прослава на овој празник.

– Децата добија пакетчиња, но најголемиот и најскапоцениот дар за нив и за нас возрасните е љубовта, радоста и насмевките на лицата што ни ги подари Исус Христос, рече таа, потсетувајќи дека Охрид е еден од првите градови што почнаа со возобновување на традицијата.

Според веќе воспоставената практика литијата потоа мина низ Охридската чаршија се до храмот „Успение на Пресвета Богородица-Каменско“, каде што на децата им беше организиран пречек со подароци, а свеченоста беше заокружена со заедничка молитва во храмот и Бадников ручек.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Мицкоски: Ќе имаме напредок и прогрес во секој план

Горан Наумовски

Гаши: Божиќ е можност да се нагласи важноста на вредностите кои не обединуваат како општество

Мицкоски: Божик нè повикува и да бидеме солидарни, да си помагаме еден на друг

„Влен“: Празнициве се потсетник дека нашата земја е најсилна, кога сите заедници живеат во хармонија

Божикно послание на г.г. Стефан: Да се почитуваме меѓусебно, за изградување на единство во Црквата Христова, да имаме мир со луѓето и мир меѓу народите

Предраг Петровиќ

Православните христијани утре го слават Бадник, задутре Божик