Инспекторот од Охрид, Новица Шуменковски, како вработен во Државниот санитарен и здравствен инспекторат издал незаконско решение за мртовечница, дознава „А1он“. Станува збор за истиот инспектор за кој „А1он“ веќе објави дека неовластено уништувал храна и пијалаци во речиси истиот период кога издал и решение за мртовечница.
Шуменковски во јули 2017 година потпишал дека приватната фирма ТДПТУ „Мирен сон“ – Охрид ги исполнила условите за вршење погребални услуги со мртовечница – мортална комора за одржување од 0 до 4 степени и мртовечница – мортална минусна комора за замрзнување од 0 до минус 20 степени иако од Министерството за транспорт и врски велат дека мртовечница, според важечките закони, може да има само управителот на гробиштата.
Следејќи го патот на решението, „А1он“ се обрати во Министерството за транспорт и врски, кое ги издава дозволите на операторите што нудат погребални услуги, како и на управителите на гробиштата што имаат обврска за мртовечница. Издаденото решение го нема во архивата на Министерството за транспорт и врски.
„Во нашата архива нема решение за исполнети услови за мртовечница потпишано од Шуменковски од едноставна причина што оператор не може да има мртовечница. Операторот ‘Мирен сон’ – Охрид нема дозвола за мртовечница. Издадена му е дозвола за погребални услуги, која не подразбира чување на телата“, велат од Министерството за транспорт и врски за „А1он“.
Иако не е дел од документацијата во Министерството за транспорт и врски, од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по барање на „А1он“, успеаја да го пронајдат во архивата.
„Решението е уникатно. Нема уште едно такво во нашата архива во досегашното 30-годишно работење. Незаконско е оти Државниот санитарен и здравствен инспекторат по ниеден основ не постапува по Законот за гробиштата, во чиј домен се мртовечниците, без оглед што инспекторот во самото решение навел дека постапува по Законот за санитарната и здравствената инспекција“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за „А1он“.
За незаконското решение издадено од таму, од Инспекторатот велат дека ги известиле сите засегнати институции.
Наспроти ставовите на Министерството за транспорт и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, сопственикот на „Мирен сон“, Денис Шибаковски, се гордее што е единствен во Македонија што има такво решение.
„Тоа решение ми требаше затоа што отворив и мртовечница. Не сметам дека е незаконско ниту решението ниту тоа што отворив мртовечница како оператор што нуди погребални услуги. Во членот 3 во Законот за гробиштата е објаснето дека погребални услуги се комунална дејност, што подразбира преземање, чување, опремување и превоз на умреното лице до местото на погреб и погреб или кремирање. Каде јас да ги чувам умрените ако не во мртовечница?! Уредно поднесов барање, инспекторот утврди дека условите се исполнети и мртовечницата работи. Тврдам дека другите мртовечници во државата немаат такви услови какви што нудиме ние, а блиските на починатите нè избираат затоа што нашите цени се на половина од цените на Градските гробишта“, вели Шибаковски, сопственик на „Мирен сон“, кој тврди дека решението го чува за да има што да им покаже на инспекциите кога ќе дојдат во контрола.
Тој во 2017 година, пред да ја отвори мртовечницата, доби кривична пријава од МВР кога полицијата и Државниот комунален инспекторат утврдија дека чувал мртовци во комбе место да ги однесе во мртовечницата на гробиштата. Вели дека таа кривична пријава делумно е заслужна за барањето за отворање мртовечница.
„Не ги чував мртовците во обично комбе како што беше јавено, туку во специјално комбе ладилник. Таа постапка е во тек, си постапува Обвинителството, а јас се организирав и отворив мртовечница за да можам прописно да ги чувам мртовците“, вели Шибаковски.
Поради чувањето мртовци во комбе, Шибаковски добил и решение за забрана за вршење на дејноста од Државниот комунален инспекторат, но во тек се жалбени постапки.
„Ние утврдивме дека ‘Мирен сон’ врши дејност за која фирмата не е регистрирана, па во согласност со Законот за забраната и спречувањето вршење нерегистрирана дејност донесовме решение за забрана на вршење на дејноста чување на починатите. Операторот го обжали и предметот е сè уште во жалбена постапка. Има одлука и од второстепената комисија, која, најверојатно, му ја одбила жалбата, па на негова иницијатива има управен спор“, велат од Државниот комунален инспекторат, од каде што тврдат дека сè што може да направат е да го казнат парично за дејноста, но по завршувањето на постапката пред Управниот суд.
Од Комуналниот инспекторат за решението издадено од Шуменковски велат дека нема ништо спорно оти како што издавал решение за месарници, така постапил и за мртовечницата, а можело да му се смета како грешка, само тоа што го занемарил фактот дека мртовечницата не е во склоп на гробиштата, како што пропишува Законот за гробиштата.
Шуменковски не сакаше да зборува за издаденото решение. Не одговараше на повиците од „А1он“ ниту, пак, на пораките што му ги испративме. Поради неовластеното поништување храна и пијалаци, тој доби кривична пријава, а го изгуби и работното место во Државниот санитарен и здравствен инспекторат.