Од Камен мост поклопувањето на Јупитер и Сатурн в понеделник ќе се гледа над Крстот на Водно

Од:

Планетите Јупитер и Сатурн в понеделник попладне ќе се доближат на најмало растојание во последните 400 години, а од Земјата ќе се гледа како да се поклопуваат. Љубителите на астрономија веќе можат на небото да го следат доближувањето на двете планети една до друга, а в понеделник во периодот од 16.30 до 18 часот ќе биде видливо нивното поклопување. Од Скопското астрономско друштво велат дека граѓаните од кај нас ќе можат поклопувањето да го следат и со голо око, доколку погледнат на северозапад. Од Скопје поклопувањето ќе се гледа над Крстот на Водно ако се набљудува од Камен мост.

„Се работи за привидно доближување на планетите Јупитер и Сатурн на небото. Има естетско значење и никакво поинакво. Настанот е интересен само заради тоа што ќе можете одеднаш да ги видите и двете планети низ телескоп. За жал, прв проблем е времето кај нас, односно облаците. Втор проблем е што само околу еден час може да се набљудува оти штом ќе се стемни тие се веќе пред заоѓање. Доближувањето се гледа некаде од 16.30 часот, најдоцна до 18 часот“, вели Радан Митровиќ од Скопско астрономско друштво за „А1он“.

Тој објаснува дека настанот ќе биде видлив од целата територија на Македонија, па љубителите на астрономијата не треба да одат далеку од дома за да го видат.

„Би било добро оние што сакаат да го видат настанот да имаат барем двоглед, уште подобро телескоп иако доближувањето се гледа и со голо око. Кај нас изгледа дека дури в среда ќе можеме убаво да ги видиме, поради облаците, но ако се разведри јас сум на Плоштад“, вели Митровиќ.

Јупитер и Сатурн се двата најголеми света на нашиот Сончев систем и сјаат особено светло, нивното поклопување се нарекува голема конјункција, а многумина феноменот го нарекуваат и „Божиќна ѕвезда“

Поради препораките за заштита од Ковид – 19 Скопското aстрономско друштво не организира заедничко следење на поклопувањето на Јупитер и Сатурн.

За следење на поклопувањето се подготвуваат љубителите на астрономија во целиот свет.

Иако од Земјата ќе се гледа како да се допираат, Сатурн ќе биде 733 милиони километри зад Јупитер, односно ќе бидат разделени со помалку од една четвртина од ширината на Месечината.

Конјункциите на Јупитер и Сатурн се случуваат на секои 20 години. Бидејќи тие се двата најголеми света на нашиот Сончев систем и сјаат особено светло, нивното поклопување се нарекува голема конјункција, а многумина феноменот го нарекуваат и „Божиќна ѕвезда“.

По 21 декември, планетите ќе почнат да се оддалечуваат и нема да бидат повторно олку блиску до 2080 година.

Сосема случајно в понеделник ќе биде и декемвриската краткоденица, односно најкраткиот ден во годината за жителите на северната хемисфера, а најдолгиот ден за оние на јужната хемисфера. Научниците ширум светот уверуваат дека двата настана не се поврзани, но краткоденицата ја посочуваат како уште една причина да се излезе надвор и да се ужива во величината на космосот.

Би можело да ве интересира

Голема црвена дамка на Јупитер отвора нови прашања

Ана Ололовска

НАСА ќе испрати дрон на сателит на Сатурн

НАСА: Сатурн забрзано ги губи своите прстени

Ана Ололовска

НАСА со нови откритија за месечината Енцелад на Сатурн, постојат услови за живот

Наум Локоски

ВИДЕО: Сондата „Џуно” сними невреме на планетата Јупитер

Ана Ололовска

Сондата “Џуно“ ја испрати првата фотографија од Јупитер