Средното општинско училиште Ѓорче Петров од Крива Паланка распиша конкурс за упис во прва година за учебната 2015/2016 година со кој ќе се воведе нова наставна насока за конфекциски компјутерски оператор од текстилно-кожарската струка.
Директорот на гимназијата Миле Милковски информира дека има 340 слободни места за упис во прва година, а во новата наставна насока предвидено е да се запишат 34 ученика.
– Согласно направените истражувања на пазарот на трудот во нашиот регион и општина, ќе се формираат струки кои се дефицитарни и се проценува дека по завршувањето на средното образование овие ученици многу брзо би нашле работа. Во таа насока е и отворањето на нова наставна насока од текстилно-кожарската струка, со оглед на тоа што наскоро во индустриската зона во Ранковце е предвидено отворање текстилна фабрика со која се планира да бидат вработени голем број луѓе од овој профил на работници, а истите ги има многу малку во општината, рече Милковски.
Oсобено e важно младите да изберат образовна насока која ќе им овозможи подобра иднина, а како што рече, во СОУ „Ѓорче Петров“ постојано се следат трендовите на пазарот на трудот.
– Во гимназијата веќе учи втората генерација ученици од угостителско –туристичка струка која исто така е барана на пазарот. Истата е со тригодишно образование, поради што доставивме барање до Министерството за образование и наука за формирање четврт степен на насоката угостителски техничар. Ние континуирано работиме и на усовр[ување на наставниот кадар, а во тој контекст е и неодамнешното учествуво на дводневен меѓународен семинар на тема „Подготовка на висококвалификувани кадри со изградени работни навики за потребите на пазарот на трудот“ во Перник, Република Бугарија, изјави Милковски.
Во прва година во СОУ „Ѓорче Петров“ ќе се запишат 340 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик, од кои според наставните планови и програми за гимназиско образование планиран е упис на 170 ученици, додека за стручните насоки се одвоени исто толку места.
За сите ученици од соседните или други општини кои ќе се запишат во СОУ „Ѓорче Петров“, а струката ја нема во нивната општина т.е. регион од каде доаѓаат согласно Законот за образование е обезбеден бесплатен превоз или сместување.
Пријавување и запишување на учениците се врши во два уписни рокови, јунски и августовски. Прво пријавување и запишување на учениците во јунскиот испитен рок се врши на 22 и 23 јуни 2015 година, второ на 29 и 30 јуни 2015, а доколку останат слободни места се објавува августовски уписен рок.