Националната комисија за дијабетес реагира на написот „По помалку од една лента на ден за дијабетичарите за мерење на шеќерот“.
„Во Република Македонија значително е зголемен бројот на бесплатни ленти за мерење гликемија што ги добиваат пациентите со дијабетес мелитус: од 50 ленти годишно што претходно ги добиваа пациентите со дијабетес тип 2 на инсулинска терапија, на 350 бесплатни ленти за мерење гликемија годишно што ги добиваат сега, додека бројот на бесплатни ленти за мерење гликемија кај пациентите со дијабетес тип 1 изнесува 125 ленти месечно. Бројот на бесплатни ленти за мерење гликемија одговара на највисоките меѓународни стандарди за грижа за дијабетесот и е повеќе од доволен за следење на гликемијата и соодветно прилагодување на третманот.
Секако, со бесплатните ленти на лицата со дијабетес им следува и бесплатен глукометар. И лентите и глукометрите што се користат кај нас со последната јавна набавка се исклучително квалитетни и прецизни и се одобрени за користење во најразвиените здравствени системи, како што се оние во Европската Унија и Соединетите Американски Држави. Со тоа дополнително е унапредена грижата кај лицата со дијабетес, имајќи во предвид дека мерењето на гликемијата е основа за прилагодување на третманот за дијабетесот и спречување на дијабетичните компликации.
Главната цел во третманот на дијабетесот кај секој пациент е постигнувањето добра гликемиска контрола. Грижата за дијабетесот на сите граѓани во Република Македонија и добрата гликемиска контрола остануваат највисоки приоритети на Националната комисија за дијабетес“, велат од Националната комисија за дијабетес.