Може ли да се украдат 200.000 гласови и зошто?

Од:

Едно бандитско правило вели: кога крадеш, кради многу! Зошто да те наречат крадец за сто евра, ако можеш да украдеш еден милион? Илузијата на беспрекорно чиста победа се состои токму во тоа: што подраматичен пораз, помалку сомнение во изборната измама, што понедостижна разлика во гласовите, повеќе верба во моќта на власта, а што полош резултат за опозицијата, поголема резигнација и разочарување кај граѓаните

 

Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ

 

Може ли да се украдат близу 200.000 гласови колку што изнесува јазот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на овие избори, прашуваат неутралните аналитичари фасцинирани од космичкиот изборен триумф на владејачката партија и поентираат: нема алиби за изборниот дебакл на Заев, зашто десет, дваесет, педесет илјади гласови можеби и може да се украдат, но двесте илјади? Ајде ви се молам!

Едно бандитско правило вели: кога крадеш, кради многу! Зошто да те наречат крадец за сто евра, ако можеш да украдеш еден милион? Во тоа се состои илузијата на беспрекорно чиста победа што сака да ја пропагира власта: што подраматичен пораз, помалку сомнение во изборната измама, што понедостижна разлика во гласовите, повеќе верба во супериорноста на ДПМНЕ, во моќта на власта, а што полош резултат за опозицијата, поголема резигнација и разочарување кај нејзините гласачи. ВМРО-ДПМНЕ победува, СДСМ губи! Седум, осум, девет изборни порази, кој од кој покатастрофален. Таквиот пораз мора да ја уништи вербата кај критичарите, слободните умови, неутралните граѓани, неопределените, оние луѓе што не гласаат. Им упатува порака: ако не ѝ се приклучиш на власта, ќе останеш со губитниците! Кој сака да биде со губитници?

 

Победи колку сакаш!

 

Од избори на избори, расте и одзивот – 56, 60, 62, 64 отсто? Во изборните единици 3 и 4 излезноста е над 70, 72 отсто од граѓаните. Кај и да е, ќе стигне до 80, 90, можеби и цели 100 отсто! Без оглед што токму од овие изборни единици во Источна и Централна Македонија младите се иселуваат во светот, зашто тука нема работа. Но, излезноста расте, наспроти бројот на населението. Селата и градовите се празнат, бројот на гласачите, за власта, се разбира, се мултиплицира. ВМРО-ДПМНЕ ѝ пркоси на статистиката, ја множи со нула!

Вреди ли да му се спротивставиш на огромното мнозинство кое гласа за власта? Изборниот продукт, модел, процес, инжинеринг на ДПМНЕ е толку безгрешен, што сите му симнуваат капа. Што поширок и подлабок е јазот меѓу владејачката и опозициската партија, повеќе стравопочит кон Груевски и кај странските дипломати, независните набљудувачи. Сила Бога не моли!

Власта челично демонстрира оти го контролира политичкиот терен во буквална смисла на зборот. Море, не само што го контролира, туку го дизајнира! Префрла гласачи и физички и фиктивно таму каде што ѝ се потребни. Крои и прекројува. Им се заканува и им влева страв. Ги вози со автобуси и комбиња на гласање, како на стрелање. Затоа гласањето е мирно, како на парастос. Местата каде што поради „политичка заблуда“, „неосвестеност“ на гласачите или непоправливо „предавништво“ кон нацијата победува опозицијата – во Куманово и Струмица, на пример, веќе се бастиони на ДПМНЕ! Груевски загуби само во Центар. Следните избори, како што најави, ќе победи и таму. Ако не успева со гласачи од Пустец, ќе најде друго чаре. Губитничкиот СДСМ не може и не смее да победува. Победата на опозицијата во една општина е катастрофална грешка! Обврска на власта и таму е да насели народ, физички или во избирачкиот список, а не збирштина од некакви граѓани.

 

Од фудбалски натпревар до гладијаторска арена

 

По изборите во 2011 година, Груевски го споредуваше изборниот резултат со фудбалски натпревар – Барселона го победила својот противник во финалето со 3:1… Во тоа се состои мантрата на победата што власта ја труби. Не е важна играта, важна е победата! Но, од фудбалски натпревар, политиката во режимот на ДПМНЕ се претвори во гладијаторска арена каде што животот на поразениот зависи од милоста на императорот. Нема шанси да преживеете во таа битка, ако немате оружје што ви го дал владетелот. Особено ако се борите со голи раце.

И сега, можна ли е навистина кражба на 200.000 гласови? Поентата на драматичниот изборен резултат е токму во тоа, да почнете да размислувате колку гласови навистина можат да се украдат. Да им поверувате на бројките! На илузијата на големите бројки. Граѓаните не се учесници во економскиот и политичкиот живот, тие не се дел од никакво цивилно општество, туку гласачка машина на владеачката партија – ливчиња, цифри, бројки, контингенти!

И покрај сѐ, се давате отпор на таквата монструозна операција што еуфемистички се нарекува „изборен инжинеринг“ и во графата „кражба на гласови“ правите долг список: мафијашко полнење на гласачките кутии со бркање на набљудувачите и членовите на избирачките одбори, фалсификување на извештаите на избирачките одбори преку корупција на мониторингот од опозицијата, јавно гласање на членовите и активистите на власта, фотографирање на изборното ливче со мобилен телефон, обележување на гласачкото ливче со пенкало со симбол, обврска за паметење на редниот број на ливчето, втерување страв кај вработените во државната администрација дека ќе ја изгубат работата ако не гласаат за власта, обврска за секој член на владеачката партија да донесе 5, 10 гласачи за власта, предизборно присуство на даночници и чешлање и казнување на фирмите во градовите и населбите кои ја поддржуваат опозицијата, превоз на гласачи до избирачкото место за да ја поддржат власта, директно купување гласови во општините со сиромашно население, испорака на контингент гласови во ромските населби или во села и населби населени со Албанци, преку праматари за црн кеш во огромни количини, штанцање многубројни лични карти и државјанства на неколку илјади Македонци од Албанија и Косово со матични броеви и идентитет на граѓани привремено иселени или на работа во странство, свирепа контрола на медиумите и брутална цензура на секакво критичко размислување, корупција на гласачкото тело со пензии, субвенции, зголемување плати, разбивање на опозицијата преку „сателитски партии“ итн. итн.

 

Далеку е англиската трева

 

Се разбира, дел од овие активности не се незаконски. За жал, правилата на демократијата може да се лажираат, да се изигруваат, зашто таа е несовршен модел и зависи од политичката свест кај граѓаните, од политичката култура. Македонија, пак, е претполитичко општество и ќе бидат потребни „двесте години“ за и овде да порасне „англиска трева“.

Значи, 200.000 гласа може да се украдат така што педесет илјади ќе украдеш брутално, педесет – суптилно и така ќе добиеш сто илјади повеќе на своето конто. Потоа педесет илјади ќе ѝ ги одземеш на опозицијата со лажни партиски „сателити“, а педесет други илјади гласови со форсирање внатрешен раскол во нејзините редови. Така, таа ќе има педесет илјади гласа помалку. Се разбира, и опозицијата може самата да си одземе педесет и повеќе илјади гласови со своите политички грешки и недугавости.

Но, вистинското прашање не е дали може да се украдат 200.000 гласови, туку што ќе прави владејачката партија со таква драматична изборна победа и со вака нокаутирана опозиција и толку понижени граѓани. На ДПМНЕ му е најлесно на избори. Доаѓа време кога ќе му станува сѐ потешко меѓу два изборни циклуси.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Груевски да биде изолиран, а не државата

Ана Ололовска

Третманот на прашањето за изградбата на гасоводот „Јужен тек“ во македонските медиуми

Ана Ололовска

Новинарска лекција: РЕПОРТАЖА

Ана Ололовска

Костова: Никола твојата последна битка за опстанок на ФОКУС е наш императив!

Ана Ололовска

Кога новинарите не прашуваат, лагата многу лесно станува вистина

Ана Ололовска

За подобра Македонија! Подобра – Кога и за кого?

Ана Ололовска