Драги мои, денес Ви пишувам од Боровец. Прекрасно планинско место во соседна Бугарија. Изминатиов викенд, заедно со драги колеги од соседните Грција и Бугарија, работевме на предлог – проект кој треба да ја подобри иднината на младите луѓе во нашите земји. Да ги обедини зад заедничка платформа, да ги направи конструктивни и корисни, да го промовира европскиот дух на заедништво и солидарност.
Додека ние така ревносно, полни со желба и елан, работевме за подобро утре на младите во нашите републики, двајца “другари по тендери”, исто така работеа, работеа на поделби, извртување на фактите и вистината, манипулирање со сопствениот народ…
Минатиот викенд, Скопје беше сведок на нешто до сега не видено и не чуено. Рака на срце, многумина од нас и не беа свесни што точно се случува во нашиот главен град. Одеднаш, Скопје беше преплавено во црвено – црна боја, небаре Вардар освоил Лига на европски шампиони во фудбал. За жал, за такво нешто ќе треба да почекаме уште некоја деценија. Нам, драги мои, ни се случи прослава на 100 годишнина на знаме на соседна држава, во срцето на нашиот главен град.
Веднаш сакам нешто да нагласам, а тоа можат да го потврдат сите оние кои во животот испиле барем едно кафе со мене. Ниту сум националист, ниту сум конзервативен. Имам драги пријатели од сите етнички заедници во Македонија, и барем по еден соработник или пријател во скоро секоја земја од Европската унија. Другарувам со Денис и Шериф, соработувам со Сенад, се консултирам со Дијана.
Но во ниту еден случај, не можам да го премолчам тоа што ни се случуваше минатиот викенд. Државниот врв на Република Македонија, дозволи среде Скопје, премиер на соседна држава да повика на обединување на сите етнички Албанци во регионот. Премиерот и претседателот на државата, дозволија премиер на друга соседна држава да повика на јавна благодарност на УЧК, ОНА и АНА, што конечно им обезбедиле слобода на Албанците од Куманово до Дебар?!? А каде беа нашите лидери?
Премиерот беше во Америка, на роуд шоу се разбира. Ги убедуваше лекарите во Хјустон дека нашите лекари требале да реализираат стручни престои во клиниката “Роналд Реган”. Почитуван Премиере, ној – системот на криење на главата под песок не ги решава проблемите. Веќе седми ден, од Вас нема ни трага ни глас. Зарем не мислите дека му должите објаснување на Вашиот народ, како се случи премиерите на две соседни држави, и Вашиот коалиционен партнер да им оддаваат должна почит на луѓето кои пред 11 години го уриваа уставниот поредок на Република Македонија?
За Претседателот на државата воопшто не сакам да коментирам, одамна никој од него не очекува став за ништо. Но Вие? Оној кој е секогаш подготвен за фото сесија кога треба да се отвора селска чешма или 40 метри регионален пат. Од Вас очекував повеќе. Барем едно скудно сооштение за јавност.
Минатата недела Ви ветив дека ќе Ви посочам некои работи кои треба да и ги пренесете на Министерката за внатрешни работи. Пред две недели, кога во кичевско никна шестметарско албанско знаме на 35 метарски јарбол, Вашата министерка се прогласи за ненадлежна за негово отстранување. За Ваша информација, во правниот поредок на Република Македонија, постои еден акт кој се нарекува Закон за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија. Членот 5 од Законот вели дека:
“Во единицата на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50% од населението во таа единица на локалната самоуправа согласно со членот 2 од овој закон, пред и во објектите од јавен и локален карактер јавните служби и правните лица основани од единицата на локалната самоуправа, на улиците, плоштадите покрај знамето на Република Македонија се истакнува и знамето на таа заедница:
– во денови на државни и други празници на Република Македонија утврдени со закон;
– во денови на празници на заедниците;
– во денови на општински празници утврдени со одлука на советот на единицата на локалната самоуправа;
– при официјално доаѓање на висок претставник на меѓународната заедница и
– во денови на одржување на манифестации од локален и меѓународен карактер”.
Почитуван премиере, покрај знамето кое беше истакнато во кичевско, македонско знаме не видовме. Не паметам ни дека беше истакнато на државен празник утврден со закон, ниту пак на ден кој претставува празник за заедниците во Република Македонија. Овие денови се определени со друг закон, кој се нарекува Закон за празниците на Република Македонија. Повеќе за овој Закон прашајте го Миле, тој би требал да знае повеќе.
Тоа што Вашиот коалиционен пријател Алија, решил дека 100 годишнината од албанското знаме треба да се одбележи со скандалозна прослава, и низа нелегални активности, тоа е негов проблем. На крајот на денот, нека предложи нов закон во Собранието, никој не му брани.
Останавте нем и на неговите изјави дека нема да дозволи ниту една црна рака да го симне поставениот јарбол! Почитуван премиере, не треба црна рака, доволна е раката на било кој припадник на МВР, за да се заштити владеењето на правото во Република Македонија.
И додека Алија си пее “Моје заставе, никад на пола копја…”, Вие најверојатно си ја пеете “Што да правам, што да чинам”. Јас, само би сакал да Ве поздравам со една песна: “Узалуд вам труд свирачи”! Бидете сигурни, дека граѓаните на Република Македонија нема да бидат толку наивни, за да дозволат неколку ликови да го рушат тоа кое што на овие простори се градело со векови. Сите граѓани на Македонија се свесни дека во нашето општество, меѓуетничките односи се conditio sine qua non за развој и напредок на нашата држава. Токму затоа, бидете сигурни дека овие авантури ќе Ве чинат многу, многу повеќе отколку што очекувате!
Иван Стефановски
Авторот е магистер по Уставно право