Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу денеска присуствуваше на промоција на книгата „Европската идеја од Карло Велики до Европска Унија“ на Радован и Лидија Вукадиновиќ, во организација на Институтот за меѓународни и политички студии во Скопје.
Книгата во четири поглавја дискутира за вчерашните и денешните европски дилеми, од составот на Европа, европската интеграција до посилната и пошироката унија. Оригиналната книга е издадена во 2016 година во Подгорица, а годинава на албански јазик ја издаде Институтот за меѓународни и политички студии во Скопје, се вели во соопштението на Министерството за образование и наука.
Министерот Лутфиу, како што се вели во соопштението, во името на Институтот на професорот Вукадиновиќ му додели пофалница за придонесот, имајќи ги предвид активностите на професорот во регионот и пошироко со промовирање на евро-атлантските вредности.
Лутфиу, исто така, го поздрави придонесот на Институтот за политички и меѓународни студии и на директорот Илбер Села, кој традиционално го организира одбележувањето на „Европските денови“.