Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу од 9 до 11 февруари присуствува на меѓународна конференција „Нови технологии во образованието“ во Белград, организирана од Британскиот совет.
Како што информира Министерството за образование и наука, на настанот присуствуваат сите министри од регионот и се дискутира за трендовите и достигнувањата на новите технологии во образованието на сите нивоа, за разменување на искуствата во оваа област од развиените земји и за политиките на образовните реформи на земјите.
Во рамки на конференцијата се одржува и саем на достигнувањата во областа на ИТ технологиите. На саемот учествуваат над 50 компании од информатичките технологии и образовните институции со најновите достигнувања во регионот и пошироко.
Министерот Лутфиу во рамки на конференцијата се сретнал и со директорката за образование и наука на Британскиот совет Џо Беал, со која меѓу другото разговарале и за можноста еден ваков настан да се одржи и во Македонија.