Градот не се мери само според новите фасади, свечените настани и фотографиите за јавноста. Се мери и според тоа дали едно слепо лице може безбедно да помине по тротоарот, дали лице што користи инвалидска количка може самостојно да стигне до својата цел и дали секој граѓанин може да живее со достоинство и еднакви права, порачуваат од коалицијата „Менуваме“.
Од коалицијата „Менуваме“ нагласуваат дека граѓаните со попреченост не бараат сожалување, привилегии или милостина, туку тие бараат пристапност, одговорност и конкретни решенија.
-За многу лица со попреченост и најобичната прошетка низ градот претставува секојдневна борба со непристапни тротоари, паркирани автомобили, урбани пречки и недостиг од соодветни услови за самостојно движење. За некого, излегувањето од дома е ризик, зависност од туѓа помош и уште едно разочарување од институциите што треба да им служат на сите граѓани, се вели во соопштение од коалицијата „Менуваме“.
Од коалицијата „Менуваме“ порачуваат дека пристапноста е право, а не услуга, добра волја, ниту предизборно ветување.
