Малиновски: За четири дена не се прави ревизија на проект како „Скопје 2014“

Од:

Поранешниот член на Антикорупциската комисија Драган Малиновски кој подолго време беше надвор од политичките случувања во земјава, вели дека целосно растоварен го прифатил ангажманот да учествува во ревизијата на контроверзниот проект „Скопје 2014“, во делот што го финансирала општина Центар.

Тој нагласува дека за четири-пет дена (како што сугерираше премиерот Никола Груевски) може да се донесе само политички заклучок, а никако да се направи финанлна ревизија.

Дали се двоумевте кога градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, ви понуди да ја правите првата фаза од ревизијата на проектот „Скопје 2014“?

Не воопшто, бидејќи реализацијата на овој проект ја следам во континуитет и сметам дека проектот „Скопје 2014“ уште од самиот почеток имаше проблем со отсуството на транспарентност. Тоа е суштински проблем, бидејќи граѓаните на Центар, Скопје, а и на целата Република Македонија, беа оневозможени во остварувањето на нивното елементарно право да влијаат во креирањето и да имаат увид во реализацијата на овој потфат.

Имате ли претстава колку материјали и документи треба да прегледате вие и Слаѓана Тасева?

Во овој момент можам само да претпоставувам за обемноста на материјалите кои ќе треба да бидат прегледани, со оглед да секој детал од проектот „Скопје 2014“ има своја засебна историја, односно спроведена процедура. Се разбира дека станува збор за обемен материјал.

Премиерот Никола Груевски изјави дека според негови проценки целата работа можела да се заврши за 4 до 5 дена. Можно ли е сите документи од општина Центар да се прегледаат за помалку од една недела, а тоа да се направи според сите стандарди?

Не би сакал да ја коментирам таквата изјава и проценка, која впрочем беше повторена и од страна на други политички актери. Само би рекол дека за тој период може да се изнесе единствено политички мотивиран заклучок за тоа дали проектот „Скопје 2014“ е законски спроведен, или не, кој не би се базирал на објективно направена анализа. Јас не би сакал да бидам заложник на било каква политичка пресметка и во оваа работа влегувам растоварен од било какви предрасуди.

Вие сте адвокат по професија, ќе можете ли да се снајдете во сите документи и тоа да го направите максимално професионално?

Од моето долгогодишно искуство во оваа професија имам сфатено дека секој треба да се држи до својата компетентност. Сметам дека поголемиот дел од проблематиката со која ќе се соочам добро ми е позната, но за оние аспекти кои не се од мојот домен сигурно дека нема да си дозволам било какви импровизации. Веројатно е дека одговори за поедини прашања ќе мора да побараме и од определини стручни лица од специфични области.

Со Слаѓана Тасева бевте во првиот состав на Антикорупциската комисија, дали ова значи враќање кон старите предизвици и дали чувствувате политички притисок дека мора нешто да пронајдете во документите?

Во периодот додека бевме во антикорупциската комисија со колешката Тасева имавме прилика да работиме токму на ваква проблематика и искуството од таа работа секако дека е значајно. Не би бил искрен ако кажам дека не чувствувам никаков притисок. Оваа задача е многу деликатна, но притисокот кој го чувствувам не е од политичка природа.

Се работи за нешто многу позначајно за мене, а тоа се очекувањата на пошироката јавност оваа работа да биде коректно завршена. Како што претхоно кажав, пред себе немам никаква политичка агенда со императив да се презентира некаква однапред замислена состојба. Тоа, како елементарен принцип го договоривме и со нарачателот на оваа ревизија – градоначалникот Жерновски, кој од нас побара максимална принципиелност и објективност во работата.

Темјана Поповска

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Панорамското тркало почна да се гради

Емир Латифовиќ

(ВИДЕО) Почна барокната реконструкција на фасадите во центарот на Скопје

Емир Латифовиќ

ВИДЕО: Свинска коленица „Филип Втори“ и предјадење „Александар Македонски“ на бродот „Ројал Македонија“

Емир Латифовиќ

И МЕПСО во барок

Емир Латифовиќ