Лажниот Дејан води до затворот „Идризово“: Стои ли затвореник зад измамите на угостители во Скопје

Од:

Затвореник од Идризово, веќе осуден за измама и кражба. Ова се сознанијата до кои дојде „А1он“ за тоа кој може да стои зад телефонот претставувајќи се како Дејан, измамувајќи угостители во Скопје. По 16 дена од првата објава на сторијата од „А1он“, ниту една институција не му влезе во трага на измамникот. А тој, со измамите за кои дознавме и објавивме, во ноември заработи околу 45.000 денари. „А1он“ дојде до неофицијални информации кои говорат дека повиците кои ги добиваат угостителите се од осуденото лице, кое издржува затворска казна. За ова, информирано е и Обвинителството, како и МВР.

Дека од оваа институција доаѓаат измамите на лажниот Дејан, сомнеж повеќе е што кај осудениот, чиј идентитет и е познат на редакцијата и институциите, при претрес на ќелијата му бил најден мобилен телефон. И тоа не еднаш, туку во повеќе наврати. За ова има потврда и од Управата за извршување санкции за „А1он“.

„На лицето Бобан Алексов во повеќе наврати му се направени лични претреси и претреси на просториите каде што престојува за пронаоѓање на недозволени предмети, како од страна на затворската полиција така и по наредба од суд и во повеќе претреси му е пронајден мобилен телефон“, велат од Управата за извршување санкции за „А1он“, прашани за конкретниот затвореник.

Овој затвореник, бил и дисциплински казнуван, па од Управата за санкции за неговиот профил ќе кажат: „Тоа зборува за тоа какво осудено лице е наведениот“.

„Во текот на издржувањето на казна затвор, осудениот е преместуван со престој во различни оддели во затвореното одделение, како и во КПД Штип и КПД Прилеп, има уште 8 години за издржување на казна затвор“, одговараат од Управата на прашање од „А1он“.

Овој случај можел лесно да се расчисти, велат извори за „А1он“ од полицијата. Со оглед дека е познат телефонскиот број на лажниот Дејан, најпрво од операторот можело да се дознае на која базна станица бил поврзан и да се дознае адресата. Потоа, ако се потврдело дека тоа е затворот во Идризово, со претрес, можел да се најде и обезбеди телефонот. За потоа, да се тера постапка за утврдување одговорност.

Непознати остануваат лицата кои ги земаат парите, откако лажниот Дејан ќе ги договори измамите. Во сите случаи, се појавува различен човек. Еднаш е таксист, друг пат – слаб и висок човек. Различни се и локациите од каде се земаат. Во првиот случај, парите се земени директно од објектот каде наводниот Дејан резервирал прослава и договорил декорација, чии пари биле дадени на човек пратен од измамникот. За ова постојат и видео снимки. Вториот пат, при достава на пијалак, доставувачот оставил пари за декорација на човек кој го чекал во Аеродром, пред да тргне кон локацијата каде требало да остави скап шампањ. И во овој случај постојат снимки од надзорни камери, што е предочено на полицијата. За третиот случај, каде угостител оставил пари на непознато лице пред да стигне на лажната средба со лажниот Дејан – засега нема информации.

Полицијата и обвинителите трагаат по лажниот Дејан.

„По насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, Министерството за внатрешни работи постапува за проверка на фактите и околностите во предметот. Доколку биде обезбеден соодветен доказен материјал за сторено кривично дело кое се гони по службена должност, Обвинителството очекува да биде поднесен соодветен поднесок, по што ќе постапи согласно своите надлежности“, велат од скопското Обвинителство за „А1он“.

„А1он“ објави како изминативе месеци се прават измами на угостители во Скопје. Лице кое се претставува како Дејан, Дејан Николовски, Дејан од Хуго, доктор Дејан, нарачува угостителски услуги, а потоа, наместо да ги плати, угостителите плаќаат за него. Првиот случај за кој објавивме е од измамен добавувач на пијалаци. Но не е и единствен. Веднаш по овој, „А1он“ дојде и до други сознанија за измамени граѓани, каде што мета биле сопственик на ресторан и девојки најмени за декорација.

Би можело да ве интересира

Измамник земал пари од лековерни граѓани

Поднесено обвинение против еден од најголемите лажговци во американската политика

Кривична доби затвореникот од „Идризово“ кој се сомничи дека е лажниот Дејан што измамува бизнисмени

Фатена е мистериозната Ивана која се гоштеваше по ресторани претставувајќи се од Општина Ѓорче Петров

Кристијан Ландов

По објавите од „А1он“, нов угостител пријавил измама од наводниот Дејан која се случила минатиот месец

Кристијан Ландов

Измамите од наводниот Дејан не може да ги гони полицијата, а со тоа ниту да го најде

Кристијан Ландов