Општина Крива Паланка ќе го креира буџетот за 2015 година преку буџетски форум, во рамки на Програмата „Форуми на заедницата“, која широко ги вклучува граѓаните. Проектот е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, во партнерство со локалната самоуправа, Единицата за координација на форумите и ЗЕЛС.
– Буџетскиот форум е поддржан со проектен фонд од 825.000 денари од Швајцарската агенција за развој и соработка. На форумските сесии граѓаните ќе дискутираат за приоритетите за развој на општината, приходите и расходите и ќе се изберат најприоритетните буџетски програми и проекти, кои ќе бидат дел од буџетот и кои општината ќе ги реализира, истакна Лидија Митовска, координатор на проектот.
Со програмата „Форуми на заедницата“, како што посочи Митовска, граѓаните и засегнатите страни се вклучуваат во подготовката на буџетот, во согласност со стратешкиот и развојниот план на општината.
– На овој начин, граѓаните директно одлучуваат за одредени приоритети што ќе бидат поддржани од проектниот фонд и како дел од општинскиот буџет ќе се реализираат во 2015 година, во рамките на донесените форумски одлуки, нагласи Митовска.
Во најновата фаза од Програмата „Форуми во заедницата“, покрај Крива Паланка, буџетски форуми ќе се спроведуваат уште во девет општини. Во претходниот период, Крива Паланка успешно спроведе и проектен форум од оваа програма, со кој, според одлуката на граѓаните, беше финансирана реконструкцијата на дел од улицата „Свети Јоаким Осоговски“ во делот на Старата чаршија.