Во интервјуто за хрватскиот бизнис магазин “Бизнис пипл“ македонскиот бизнисмен Трифун Костовски открива дека јахтата што му ја одзела државата, според него неправедно, сега на Охридското езеро ја користи претседателот Ѓорге Иванов и се вози со неа кога е на летување во претседателската вила Билјана.
На прашањето на новинарот како се случило да остане без јахтата, Костовски вели дека неговата јахта на Охридското езеро пловела под италијанско знаме и морал секои 6 месеци со дизалица да ја вади од езерото, да ја транспортира до Албанија и пак да вплови во македонскиот дел на Охридското езеро. Еднаш, вели Костовски задоцнив и полицијата по итна постапка ми ја заплени јахтата, без да имам право на жалба.
Им реков, вели македонскиот бизнисмен “Што не ми кажавте дека ви треба, па јас ќе ви ја подарев“ во интервјуто за хрватскиот магазин. На прашањето дали јахтата државата ја продала, а парите ги ставила во државната каса Костовски изјавува “Ма како да не, стана јахта на претседателот на државата па место јас што ја купив сега на неа претседателот го поминува годишниот одмор“.
Во написот Костовски е преставен како човек кој парите заработени во странство решил да ги вложи во Македонија но и го цитира дека сега сфаќа дека направил лош бизнис потег. “Загубив многу пари затоа што не сакав премногу да се приклонам кон ниедна политичка партија.
Бизнисот во Македонија никогаш не се ослободи од политиката , таа влезе во сите пори на општеството и се води партиска, а не државна политика. Во моите 25 години бизнис во странство никогаш политичарите не барале ништо од мене, а тука постојано досадуваат. Кај нас се е политика, а ја водат луѓе кои се елоквентни но се наметнуваат иако ништо немаат сработено. Ни еден од сите наши премиери ни 5 пари нема заработено од сопствена работа.“ – тврди во интервјуто за “Бизнис пипл“ Костовски.
Според него во државата единствено функционира банкарството, а Народната банка е најсветлата точка во општеството. “Бизнис пипл“ пишува дека македонскиот бизнисмен кој парите ги стекнал со трговија со метали во Источна Европа се вратил во татковината и вложил 150 милиони евра, а за донации уште 50 милиони евра.