Шестнаесет коњаници, учесници на маршот „Патот на црешовото топче“ денеска од Гостивар тргнаа кон Крушево каде ќе присуствуваат на прославата по повод Илинден.
Облечени во одежда налик на онаа на комитите од пред стотина години, тие беа благословени од свештениците на гостиварското архиерејско намесништво во црквата „Св. Пречиста Богородица“.
Првата дестинација на патот долг двесте километри е Бигорскиот манастир каде ќе преноќат. Утре четата ќе положи заклетва и ќе биде избран годинешниот војвода.
– Минатите три пати иницијативата беше поддржана од граѓаните. Годинава, за таа цел формирано е здружение кое ја презема во целост организацијата. Идејата е да се зачува од заборав еден важен дел од Македонската историја, истакнаа од здружението „Бигорски Манастир-Патот по црешовото топче“.
Во Бигорскиот манастир, пред 110 години, монасите, како поддршка на востаниците, направиле четири топчиња и биле испратени за Крушево.