Се сеќавате на антологискиот филм „Патриотски игри“ со Харисон Форд?
Немојте, според насловот, да се израдувате дека Харисон, одушевен од нашите полиња и планини, градови и езера, диви реки и нови историски споменици, се одлучил продолжението на „Патриотски игри“ да го сними во Македонија.
Таа приказна на филм кај нас не се продава, бидејќи ние си ја имаме во живо, секојдневно, неколку години.
А патриотот Рајан, алиас, Харисон Форд, кај нас го глумат нашите патриоти.
Таму Рајан ги спасува принцот и принцезата од Велс и нивното бебе од ирски терористи.
Нашиве „патриоти“ со иницијали Н.Г. и А.А., секојдневно веќе седма година, целиот народ го спасуваат од терористот „лошиот волк“ и неговата дружина и од сите лоши „батки“, кои сакаат да им ја расипат патриотската дружба.
А веќе седум години се влезени во акционо-патриотски филм. Па спасуваат Калиња и енциклопедии, првачиња од клети учители.
И деновиве се прикажува најновата епизода.
Почетокот се „снимаше“ во Слупчане. „Лошиот“ за едните, „патриотот“ за другите, си купил цвеќе и си отишол да се поклони на споменикот на, за едните „хероите“, за другите, наеднаш „екстремистите“.
И бидна , „војна“, ама како во филмови. Сценариото малку нејсно, кој што кажа, кој напаѓа, а кој брани и како може еднаш добрите сега да бидат лоши „дечки“. Па тоа нели беа оние истите, само не погинати туку живи, на кои само пред една година, во име на соживот… и што ли беше, им дадоа прошка, амнестија, за се што сториле, па и ако резбареле грбови на цивили.
И сижето така се расплеткува, или усложнува, едниот „патриот“, сака права и за своите соборци, вториов, не дава да се згази достоинството.
Глумците, ама оние, статистите ја менуваат локацијата на снимање, се селат карши убавиот и полн со историски патриотски споменици, законодавен дом.
Е тука веќе сценариото се разводнува, еден од статистите, сакајќи да го има подолго на филмската лента, држи монолози со часови, па ќе се редат и други од истата дружина. И вака тешко дека ќе се стигне во предвиденото време за филмот, до „пресметка“. Сценаристите, притеснети, се уште ги оставаат истите главни глумци.
Ама, вистината за патриотските игри или играрии, брзо ќе излезе на површина. И како многу пати досега, ќе си имаме ли среќен крај и убава дружба на нашите патриоти, или пак одиме на ново продолжение?
А во меѓувреме, сите заинтересирани за финалето на филмот-сапуница, не забележаа дека се околу нив се сменило, и дека следното продолжение можеби на свеќи ќе мораат да го гледаат.
Катерина Цаневска Арсовска