Koга национализамот ќе ја замени економијата

Од:

Кога во една земја економијата е на толку лошо ниво како што е во Р.Македонија, нормално е лошата економска состојба да  биде главна тема за која ќе се размислува и зборува, а се со цел да се најде решение за проблемите.

Како ни се приближуваат изборите владеачките партии се повеќе ни ’’сервираат’’ национализам кој има за цел  граѓаните да  ги дефокусира од лошата економска состојба и се послабиот стандард на живеење.

Национализмот треба да ги разбуди и подигне страстите кај гласачите до степен што нивното влијание при носењето одлуки биде поголемо од влијанието на здравиот разум и логиката. Во таква состојба полесно ќе ни дадат одговори на прашања кои се наметнале во јавноста благодарејќи на национализмот во општеството, а притоа одговорите некому ќе се допаднат а некому не, но во секој случај тоа за нив е многу подобро отколку да одговараат на прашања чии одговори нема да се допаднат никому.

Најверојатно тука некаде се крие и одговорот на прашањето како Никола Груевски во очите на граѓаните од економист се претвори во патриот (за едните) или националист (за другите). Ако се сеќавате на изборите по кои Груевски за прв пат стана премиер тогаш знаете дека во кампањата на ВМРО – ДПМНЕ,  преовладуваше економијата, за меѓуетничките односи се збореше многу помалку. Одговорите од прашањата произлезени од дебатата за економија му ја донесоа победата на ДПМНЕ.

Тогаш владеачката СДСМ на чело со Бучковски немаше одговор на прашањата: Како да се отворат нови работни места и да се преполови невработеноста? Како да се зголеми производството и извозот? Како да се намали долгот на државата? Како да се намали неликвидноста на претпријатијата? Како да се подобри инфраструктурата? На кој начин да се привлечат странски инвестиции? И уште многу други прашања чии одговори даваат слика за економската состојба на една држава.

На овие прашања јавноста,  Никола Груевски го доживеа како економист кој ветуваше преродба. ДПМНЕ имаше став дека ќе ги ’’замрзнат’’ меѓуетничките прашања и ќе се посветеле на економските.

Важно е да се спомене дека по превземањето на власта ДПМНЕ го зголеми буџетот на државата за преку една милијарда евра во однос на оној последен буџет кога државата ја водеше СДСМ. Поминаа шест години владеење на Груевски, одговорот од прашањата кои произлегуваат од економската дебата во прилог и одат на денешната опозиција. Од одговорот на истите прашања на кои јавноста Груевски го доживеа за економист сега перцепира дебакл на неговата економска политика, но со една разлика, денес покрај економијата разговараме многу повеќе на теми кои ги засегаат меѓуетничките односи, не така ретко дури и меѓуверските односи.

Исто така денес како суштинска дебата ни се преставува проектот “Скопје 2014’’ кој дури го отвори прашањето на идентитетот на македонците, дали се со античко или словенско потекло. Ни се појавија и предавници и странски платеници, па се градеше и рушеше црква на Кале, во зависност дали е ден или ноќ и од која партија е функционерот кој дава изјава (ДПМНЕ или ДУИ), а сето тоа помпезно пропратено од медиумите.

Потоа се случи некаков случај во Слупчане кој го покажа врвот на иронијата во меѓу-коалиционите односи помеѓу владеачките партии, кои се караа пред камерите а се смируваа во кабинетите.

Дојдоа на ред дури и имињата на училиштата во општина Чаир. Таман и тоа се тргна од телевизиските екрани се појави законот за бранителите, за кој мислам дека има за цел да ја држи меѓуетничката тензија до изборите во март. Да, тоа е за оние исти бранители за кои кога беше предложен во суштина ист закон од страна на десет илјади граѓани, подржан од опозицијата, владеачкото мнозинство во Собранието го одби. Ама сега избори се ближат па малку сменет законот за бранители го предлага ДПМНЕ, без одговор на прашањето зошто уште првиот пат не го гласаа. Интересно е како ДУИ која претходно важеше за про-европска партија влезе во оваа цела приказна, па сега немојте да се чудите ако на врата добиете на поклон албанско знаме од нив, за да можете заедно да прославите некој албански празник.

Уште ако се додаде на сето ова и популистичката политика која се води околу многу сложеното прашање за името на државата, очигледен е обидот ДПМНЕ да се претстави како патриотска партија на македонците, а ДУИ партија која ги штити албанците. Може ли некој да ја измери преверзијата во нивните односи?

КАКО ТОА ФУНКЦИОНИРА КОАЛИЦИЈАТА КОГА СЕ ВО ПРАШАЊЕ СТЕЧАЈЦИТЕ А НЕФУНКЦИОНИРА КОГА СЕ ВО ПРАШАЊЕ БРАНИТЕЛИТЕ ?!

ДПМНЕ ги штити македонците од ДУИ, ДУИ албанците од ДПМНЕ. На ДПМНЕ му сметаат борците на ОНА, а власта ја делат со командантите на ОНА.

ДУИ ќе ги менува таблите на училиштата иако министерот за образование нема одобрено, ако децата останат без сведителства за нив е помалку важно.

Врвот на перврезијата е кога високи функционери на ДПМНЕ се фалат дека биле во посета на Јохан Тарчуловски, а во Собрание пратениците на ДПМНЕ гласаат да се амнестираат Хашките случаи, се прашувам како ли на Јохан му го објасниле таквиот чин. Да се опишат сите тие перврезии на случки кои го потхрануваат национализмот лесно би можело да се напише книга, но уметност би било да се објасни како во меѓувреме најголема државна тајна стана долгот на државата кон стопанството и како бројот на фирми со блокирани сметки се зголеми за повеќе пати. Каде и како се потрошија огромните милијарди евра е легитимно прашање на кое мора да се одговара. Овде мора да се упати јавна и јасна критика до опозицијата која и покрај огромната сиромаштија, неуспева да ги сруши националните бариери и да им помогне на луѓето да се обединат во борбата за подобар животен стандард, без разлика на етничка и верска припадност.

Опозицијата ја има таа обврска затоа што непостојат јаки независни синдикати, мора да им помогне на луѓето да престанат да ја ’’сркаат’’ приказната на национализмот.

Џељо Хоџиќ

Би можело да ве интересира

Груевски да биде изолиран, а не државата

Ана Ололовска

Третманот на прашањето за изградбата на гасоводот „Јужен тек“ во македонските медиуми

Ана Ололовска

Новинарска лекција: РЕПОРТАЖА

Ана Ололовска

Може ли да се украдат 200.000 гласови и зошто?

Ана Ололовска

Костова: Никола твојата последна битка за опстанок на ФОКУС е наш императив!

Ана Ололовска

Кога новинарите не прашуваат, лагата многу лесно станува вистина

Ана Ололовска