Како наводниот Дејан ги организира измамите и кој ги зема парите: ново сведоштво од Скопје

Од:

Наводниот Дејан, кој закажува прослави и прави измами на угостители, има и трет идентитет. Се претставува како Дејан од Хуго. Не се знае дали зад телефонот стои истиот човек, но користи идентични сценарија за, наместо да плати, да земе пари од угостители. „А1он“ дојде и до снимки и фотографии од лице што ги зема парите во име на наводниот Дејан, но и нова случка, која се одвивала во Скопје. Жртви биле ресторан и сервис за украсување простор за прослави.

Најпрвин ги споредивме телефонските броеви од кои измамникот, кој се претставува како Дејан, стапува во контакт со жртвите. Ако се види префиксот, тој е ист. Исти се и првите три цифри, но не и последните три од телефонскиот број. Иста е дури и фотографијата поставена на „Вибер“, на која треба да е тој, но извесно е дека станува збор за фото симнато од интернет, на кое се наоѓа друг човек. Од овде извесно е дека и новата измама за која дозна „А1он“ ја направил истиот измамник.

Сѐ се случило на 14 ноември или 13 дена пред да се случи измамата на доставувачот на пијалаци за која веќе објавивме. Измамникот овој пат, претставувајќи се како Дејан од Хуго, се јавил да нарача декорација на ресторански простор, при што кажал дека ќе прави мекици. Истовремено, резервирал и во ресторанот, чиј газда подоцна е измамен. Комуникацијата продолжила помеѓу ресторанот и девојките што требало да декорираат. И ништо не навестувало дека зад наводните мекици стои измама.

Наводниот Дејан, освен направената резервација, побарал од менаџерот на ресторанот да му направи и услуга и да плати за декорацијата. Ова се случува уште пред да дојдат девојките што биле задолжени за ова. Менаџерот така и направил. Во ресторанот, неколку минути пред 16 часот, се појавува лице, средовечен маж, облечен во кошула, црна јакна, светли обувки. Се претставува дека дошол по парите за декорацијата. Менаџерот му ги дава, а тој ги зема. Но, овој човек нема никаква поврзаност со декорацијата, туку со измамникот. Кога ја завршува работата, излегува од ресторанот и си оди.

Дејан, кој очигледно не се вика Дејан, е толку убедлив, што испраќа и фотографии од просторот што треба да се украсува, а веројатно ги симнува од страниците на рестораните во кои закажува прослави

По час-два, доаѓаат девојките закажани за декорирање. Го уредуваат просторот. Тие не знаат што се случило претходно. Завршуваат со обврските, седнуваат и чекаат да дојде извесниот Дејан, кој нарачал декорација.

„Човекот требаше да дојде во 20 часот и гостите исто така. Седнав да почекам за да си ги земам парите, персоналот се спремаше за мекиците – за на крајот, да дојде и 21 часот. Дејан не беше достапен на телефонот и сето ова да изгледа поиронично, кога зборувавме со менаџерот, излезе дека веќе дошол некој човек да земе пари за декорирање. Од ресторанот мислеле дека ние сме вработените, па затоа претходно не ни кажале за тоа. Ресторанот зијан, ние исто. Требаше да биде нешто побогато, а стоката што ја земав требаше да ја платам утредента“, раскажува за „А1он“ измамената девојка, чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата.

Ликот на наводниот Дејан, кој некогаш е доктор, некогаш Николовски, а друг пат Дејан Хуго – никој не го знае. Но, постојат претпоставки во јавноста за кого станува збор. Има и сведоштва во кои се обидел да измами граѓани – но не му успеало. За „А1он“ е познато како изгледа лицето што ги зело парите. Тој по нив доаѓа со возилото на кое има табла „такси“ од позната такси-компанија, кое го управува. Кога излегува од ресторанот, телефонира, а потоа влегува и заминува.

Постоел обид оваа измама да се пријави во полициската станица во Карпош. Но, пријавата не била примена. Според информациите до кои дојде „А1он“, пријавувачот бил информиран дека станува збор за мала сума пари, што се гони по приватна тужба.

Се обидовме и стапиме во контакт на двата телефонски броја од кои се правеле резервациите. Тие се исклучени. Според проверката што ја направивме, тие се недостапни уште истиот ден кога успешно се завршени измамите.

За случајот „А1он“ го запозна и скопското Обвинителство, од каде што се постапува за да се открие кој стои зад овие измами.

„А1он“ веќе објави како лажниот Дејан сотре и други угостители. Последниот во низата случаи за кои дознавме беше во саботата. Нарачал пијалак, кој требало да се достави до Марков Манастир и истовремено го замолил доставувачот, пред да му го однесе, да остави речиси 200 евра на човек во Аеродром, кој наводно требало да декорира. По ова, измамникот исчезнува, телефонот го исклучува, а од прославата – ништо.

Би можело да ве интересира

Измамник земал пари од лековерни граѓани

Поднесено обвинение против еден од најголемите лажговци во американската политика

Кривична доби затвореникот од „Идризово“ кој се сомничи дека е лажниот Дејан што измамува бизнисмени

Фатена е мистериозната Ивана која се гоштеваше по ресторани претставувајќи се од Општина Ѓорче Петров

Кристијан Ландов

Лажниот Дејан води до затворот „Идризово“: Стои ли затвореник зад измамите на угостители во Скопје

Кристијан Ландов

По објавите од „А1он“, нов угостител пријавил измама од наводниот Дејан која се случила минатиот месец

Кристијан Ландов