Дејан, доктор Дејан, Дејан Николовски. Ова се само дел од идентитетите на лицето кое измами десетици угостители во Скопје. Закажува лажни прослави, нарачува скапи пијалаци и го снемува, бара да изнајми маси и столици од Скопје за во други градови кои наместо за прослава, завршуваат на адреси кај луѓе на кои никогаш не им требало таква услуга. Овие случаи се само дел од оние за кои дозна „А1он“, а се случувале изминатиот период. Засега мистериозниот човек, за кои угостители сведочат дека звучел сериозно, како зрел маж, а барал услуги за примамлив број на луѓе, има разработена шема како освен да ги измами со лажни прослави, од нив да изнуди и пари.
Последниот од низата случаи бил вчера. Лицето кое се претставило како доктор Дејан Николовски, се јавил во еден кетеринг сервис во Скопје. Нарачал услуга за 90 лица, за кои кажал дека треба да гледаат фудбал во кругот на Марков Манастир. Му било побарано однапред да плати за услугата преку уплата на сметка, а измамникот кажал дека е сабота и поради фактот што банките се затворени, не може да го направи тоа и сакал да плати во готово. Тоа му било овозможено. И тука почнала сагата со нарачката на пијалаци и тоа скапи шишиња шампањ.
Кога доставувачот на пијалаци тргнал да му доставува роба, бил контактиран од измамникот кој се претставил како Дејан. Од него имало молба, пред да се упати кон Марков Манастир, во центарот на Скопје да остави околу 200 евра кај лице кое наводно требало да се погрижи за декорацијата на забавата. Доставувачот, добил уверување дека штом го достави пијалакот, ќе му биле платено, а со тоа и вратени 200-те евра. Парите биле оставени во Аеродром, во близина на Тобако. Ги земал возрасен човек. По ова Доставувачот тргнал кон Марков Манастир, а кога го побарал измамникот за да му посочи каде точно треба да застане – бројот веќе бил недостапен. Тука тој сфатил дека станува збор за измама.
Пред ова, кетеринг сервисот се обидел од измамникот да добие локација за да може да му достави готовинска фактура, а со тоа тој да плати за услугите. На ова, на Вибер, добиле одговор: „Ќе ви испратам штом дојдам на местото“. Но, никогаш не испратил локација.
„Звучеше сериозно, до степен да не можеш да препознаеш дека станува збор за измама. Како и со сите клиенти, така и со него, му беше доставена понуда, дискутирано, па прифатено. Сакаше да плати во кеш, а не на фактура. Ова беше единствен чуден момент за кој тој однапред имаше смислено како да го оправда“, вели претставник на фирмата-угостител од која измамникот нарачувал услуги.
Случајот е пријавен и во полиција.
„На 26.11.2022 во 18.30 часот во Полициската станица Аеродром 33- годишен маж од Скопје пријавил дека околу 11.00 часот на телефон му се јавило лице кое се претставило дека се вика Д.Н. и му побарал да му донесе 10 шишиња шампањ на место лоцирано до Марков манастир. Околу 12:25 часот повторно му се јавило лицето и му рекло дека ако одел кон населбата Аеродром да се сретне со друго лице кое било задолжено околу украсување на просторот и да му даде 11.500 денари. Потоа околу 13:30 часот на бул.“Јане Сандански“ пријавителот се сретнал со лицето на кое требало да му ги даде парите и откако се сретнале, му ги дал парите, по што си заминал. Пријавителот ги подготвил 10-те нарачани шишиња со шампањ и се упатил кон Марков манастир, каде во близина на местото му ѕвонел на телефон на Д.Н. за да му појасни каде точно да ја однесе нарачката, но на лицето му бил исклучен телефонот. Исто така заѕвонил и на телефонскиот број на лицето на кое му дал 11.500 денари за украсување, но и неговиот телефон бил исклучен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР за „А1он“.
И ова не е еден поединечен случај. Во претходниот месец измамник, претставувајќи се со истото име, закажувал мекици дури и во три локала истовремено.
„Лик се јавува по ресторани и кафани, се претставува како доктор и резервира локали за над 40 луѓе кажувајќи дека е за мекици, а потоа воопшто не се појавува и ги остава локалите во загуба. Вчера се случи во два локала, дечкото закажа мекици во исто време во различни локали и не се појави! Едниот локал целиот беше затворен очекувајќи 40+ луѓе, а другиот викна дополнителен персонал очекувајќи исто што и првиот!
Поентата никој не ја разбира, но сите кои се занимавате со овој бизнис, барајте си капар и не верувајте на никој!“, се вели во сведоштво објавено на почетокот од месец ноември.
„А1он“ дозна и за случај каде биле нарачани маси, столици и шатори од Скопје да се достават во друг град од внатрешноста на Македонија. Било најавено дека ќе биде се подмирено веднаш штом робата стигне. Доставувачот бил замолен, исто така, да плати давачка во Скопје пред да тргне со доставата, со ветување дека парите ќе му бидат вратени веднаш штом пристигне на адресата во соседниот град каде наводно има прослава. А таму, сопствениците на објектот се чуделе што бара натоварениот камион, бидејќи тие не нарачале ништо.
Неофицијални информации говорат дека станува збор за група измамници, на кои ова им е начин за заработка на пари. На апликациите за комуникација ставаат реални имиња, но и туѓи фотографии под кои се претставуваат тие самите.
Полицијата го истражува случајот.