Иницијативата „5 до 12“ бара од ЕУ да посредува во унапредување на правата на лицата со посебни потреби

Од:

Граѓанската иницијатива „5 до 12“, денеска до седиштето на Делегацијата на Европската унија во Скопје, достави барање за медијаторство, со цел унапредување на правата на лицата со посебни потреби, како што се промени во Уставот измени во Законот за здравство, во Законот за образование, воведување институција Народен правобранител за лица со посебни потреби, како и проактивно учество на целните групи во политиката и воопшто сите сфери на општествениот живот.

Претставници на иницијативата велат дека уште пред две години доставиле барања до Владата и институциите за унапредување на правата на лицата со посебни потреби.

– Пред две години поднесовме барање до Владата и институциите. Побаравме создавање центри за ран детски развој, центри за рехабилитација за деца со различен степен на попреченост. Меѓу нашите барања беше и создавање на институцијата Народен правобранител по моделот на Хрватска, каде што тој ќе биде како институција за лица со посебни потреби, за да ги застапува и подобри нивните права, изјави претставникот на Иницијативата Суарет Алишан.

Вели дека побарале и да се регулира старосната граница кај децата со попречености, кои според Меѓународната конвенција до 18 години се деца, но, како што истакна, во нашиот систем за социјална заштита се третираат како деца до 26 години, а од друга страна на 18 години гласаат.

– Едно од нашите барања беше и да се создаде независно тело што ќе врши ревизија и надзор на досегашните спроведени барања што како иницијатива ги побаравме. Две години поминаа ние како граѓанска иницијатива немаме остварено ниту едно од овие барања, вели Алишан.

Како што рече од ЕУ бараат да биде медијатор и мост што ќе ги спои „5 до 12“ и институциите на системот, што, според него, не ги спроведуваат во целост ратификуваните документи.

Истакна дека Иницијативата „Пет до 12“ брои 100.000 лица поддржувачи и активисти, како и 30 невладини организации кои се активни во мрежата на Иницијативата.

Алишан вели дека не планираат засега да се вратат со шатори пред Собрание како што тоа го направија пред две години, туку ќе делуваат на најразлични начини.

– Ние како лица со попечености не ги уживаме благодетте тука, и ако е потребно ќе бараме азил во некои од европските држави. Владата има волја да ги подобри работите, но ние имаме проблем со институвциите во системот, вели тој.

Според него, Министерството за труд и социјална политика, вооопшто не ги зема предвид барањата на лицата со попречености. Тврди дека имале состанок со нив во вторникот, и оти не биле разбрани нивните барања.

Иницијативата „5 до 12“, се бори за унапредување на правата на лицата со посебни потреби. Првиот камп тие го поставија на 20 април 2017 година во паркот спроти Собранието и таму престојуваат лица со посебни потреби и нивните семејства од Скопје и од Штип, и на тој начин сакаа да го привлечат вниманието на институциите за да се решат нивните проблеми.

Би можело да ве интересира

Иницијативата „5 до 12“ и школата Про баскет јуниор организираат Отворен ден за кошарка во Пештани

Жарко Настоски

Активистите на „5 до 12“ денеска пред Собрание

Ана Ололовска

МТСП го демантира тврдењето на „5 до 12“ за злоупотреба на згрижени деца

Ана Ололовска

„5 до 12“: Независна комисија да ја преиспита психофизичката состојба на згрижените деца

Ана Ололовска

Две граѓански иницијативи утре ќе потпишат меморандум за соработка

Ана Ололовска

Граѓанска иницијатива „5 до 12“: Лицата со посебни потреби да бидат приоритет

Ана Ололовска