Во тек е голема полициска акција во Прилеп.
Според засега непотврдени информации, уапсени се повеќе луѓе поврзани со сомнежи за сторен криминал во работењето на прилепската болница „Борка Талески”.
Oд МВР засега не откриваат повеќе детали.
Во април годинава, Основното јавно обвинителство Прилеп и Финансиската полиција вршеа претреси на повеќе локации во градот поради сомнежи за финансиски злоупотреби на болница.
„ОЈО Прилеп постапува во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, а поврзано со финансиското работење на болницата. Обезбедени се наредби за претрес на осум локации, а дејствијата ги презема Управата за финансиска полиција. По претресите, предистражната постапка ќе продолжи со други дејствија за обезбедување докази”, стоеше тогаш во соопштението од ОЈО – Прилеп.
Денеска од ОЈО дојде само кратко соопштение во кое се вели:
„По наредби и насоки на Основното јавно обвинителство Прилеп постапува Управата за финансиска полиција. Се преземаат дејствија во врска со постапка за наводи против повеќе лица за злоупотреби во работата во прилепската болница. Дејствијата се преземаат во моментов, а повеќе детали во текот на утрешниот ден“.