Глобален индекс за мир: Македонија меѓу петте земји со најголемо подобрување на нивото на мир

Од:

Македонија се најде на 65-то место на листата на Глобалниот индекс за мир, откако направи скок од 23 места и се рангира на истата позиција со Грција.

Исланд единаесетти пат по ред е најбезбедна земја во светот, а на последното место, како и лани, најнебезбеден е Авганистан.

Претходно, земјава во во 2011-та година беше на 67 место, година во која следуваше затворање на телевизија и весници, убиството на Нешковски, апсење на Љубе Бошковски и други политички апсења, и оттука започнува голем пад на позициите на овој индекс, се до кулминација и најлошото рангирање. Во 2017 година земјава беше на 103-то место, а претходно на 98 место во 2016 година. Три пати по ред беше 83-то место во 2014, 2015 и 2016 година. Пред 2011 година рангирањето н беше за пофалба, 89 место во 2009 година, 78 место во 2008 година. Овогодинешното рангирање е најдобро за Македонија од 2008 до 2019 година.

Освен Македонија помеѓу петте земји кои имаат големо подобрување на нивото на мир според Глобалниот индекс за мир 2019 година се и Руанда на 79 место, Египет на 136 место, Украина на 150 место и Судан на 151 место.

Глобалниот индекс за мир (ГПИ) ја мери релативната позиција на миротворноста на народите и регионите. ГПИ рангира 172 независни држави и територии (99,7% од светската популација) според нивните нивоа на мир. Во изминатата деценија, ГПИ ги презентираше трендовите на зголемено глобално насилство и помалку мирољубивост. Исто така, ГПИ ја зголемува светската програма за мир во светот.

Австралискиот институт за економија и мир, според истражувањето за годинaшниот глобален индекс на мирот, врз чија основа се рангирани земјите од „најбезбедна“ до „најнебезбедна“, оценува дека во споредба со периодот од пред една деценија, светот во 2019 е најбезбеден во последниве пет години.

На листата се рангирани вкупно 163 земји, а првата „десетка“, покрај Исланд, ја сочинуваат и Нов Зеланд, Португалија, Австрија, Данска, Канада, Сингапур, Словенија, Јапонија и Чешка. На дното на листата е Авганистан, а пред него се Сирија, Јужен Судан, Јемен, Ирак и Сомалија, рангирани од 163 до 158 место. Од поголемите држави, Русија е на 154-то место, САД на 128, Кина на 110, Франција на 61, Велика Британија на 46, Италија на 39, а Германија на 22 место. Од земјите во регионот, најдобро рангирана е Романија на 25 место, Бугарија е на 26, Хрватска на 28, Србија на 50, Албанија на 51, Црна Гора на 67, Босна и Херцеговина на 81 и Косово на 86 место.

Индексот се пресметува врз основа на 23 фактори, меѓу кои и внатрешни и надворешни конфликти, воени трошоци, тероризам, убиства и криминал. Во Извештајот за 2019 година се посочува дека над 400 милиони луѓе живеат во реони во кои нивото на безбеден живот е ниско и каде има високи ризици поврзани со климатските промени.