На меѓународната конференција во западниот украински град Лавов која се одржува овој викенд ќе се направи важен прв чекор за да се повика Русија на одговорност за воените злосторства сторени во Украина. На конференцијата ќе биде потпишан договор за формирање нов Меѓународен центар за гонење на кривични дела од агресија (ИЦПА), соопшти претпладнево претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
ИЦПА ќе служи за обезбедување докази за идните правни постапки и ќе биде лоциран на локацијата на Агенцијата на Европската унија за соработка во кривичната правда или Европравда во Хаг.
„Русија и претседателот Владимир Путин мора да одговараат за ужасните злосторства против Украина“, рече Фон дер Лајен.
– Има се повеќе докази за директни напади врз цивилното население, како и врз снабдувањето со енергија и друга инфраструктура. Познато е дека руските сили извршиле тортура, злоставување, сексуално насилство и егзекуции. Ниту децата не биле поштедени. Мора да направиме се што е во наша моќ за да ги изведеме сторителите пред лицето на правдата – рече Фон дер Лајен.