„Би сакале да Ве информираме дека во текот на 26 Ноември Еко-свест организираше работилница на тема „Визија за декарбонизација на Република Македонија- енергетско сценарио за Македонија 2050“.
На работилницата беа поканети релевантни чинители од енергетскиот сектор во Р.Македонија како и носители на одлуки.Целта на работилницата беше да иницира дискусија за декарбонизација на Република Македонија до 2050 година, која би резултирала во соодветни предлози, сугестии и заклучоци од страна на учесниците. Овие предлози и заклучоци ќе бидат земени во предвид при финализирање на студијата и сценариото за декарбонизација на Република Македонија.
– Ние имаме должност да престанеме со употребата на фосилни горива и да не ги повторуваме грешките што ги направиле другите членки на Европската Унија. Р.Македонија има огромен потенцијал за употреба на обновливи извори и зелени работни места, изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.
Енергетското сценарио за транзиција на Македонија кон обновливи извори на енергија го изработи Јасмина Саид, проектен координатор во Еко-свест во рамките на проектот „Зајакнување на граѓанското општество за застапување за транзиција кон одржлива енергија“, кој го предводи мрежата INFORSE Europe, што го спроведува Еко-свест, а кој е финансиски поддржан од “CISU- Civil Society in development”.
– Република Македонија во моментов е увозно зависна земја од енергенти (квалитетен јаглен, течни и гасни горива) околу 50 % од потребните енергенти ги увезуваме. Производството на енергија до 2035 година останува базирано на јаглен, а 85-90% од емисиите на сулфур диоксид во Македонија доаѓаат од термоелектраните во Битола и Осломеј, вели Јасмина Саид од Еко-свест.
Енергетското сценарио за премин кон обновливи извори покажува дека потребни се агресивни кампањи за зголемување на свеста со цел да се овозможи промена на ставот (mindset-от) на стејкхолдерите дека фосилните горива се единствена опција за Македонија.
– Сончевата енергија како обновлив извор има најголем потенцијал за искористување во Македонија, по неа следи ветерната енергија за диверзификација на енергетскиот сектор и напуштање на фосилните горива, додека енергетската ефикасност е мерка која мораме да се спроведува забрзано, изјави Јасмина Саид од Еко-свест.
Би сакале да потсетиме дека фосилните горива се најголема причина за климатските промени во светот. Светските истражувачи во оваа област веќе предупредија дека екстремните временски услови ќе стануваат се почести и ние немаме повеќе време да преговараме. Транзицијата кон обновливи извори на енергија за Р.Македонија мора да започне денес“ се вели во соопштението на Екосвест.