Лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, на денешното одбележување на еден од најзначајните датуми во македонската историја, се обрати пред преживеаните борци од НОБ, како и пред високи државни и политички претставници и присутни граѓани. Димитриевски зборуваше за вредноста и тежината што со себе ја носи денот кога во Куманово и Прилеп почна оружениот отпор против фашистичкиот окупатор.
– 11 Октомври е денот на народното востание на македонскиот народ. 11 Октомври е стожер на македонската борба за слобода, симбол што на своите гради гордо ги носи темелите на нашата државност. Овој значаен датум од 1941 година, засекогаш ќе остане врежан во богата историја на нашиот народ, која ја создадоа храбрите борци од козјачкиот и карадачкиот и многу други партизански одреди кои ги водеше храброста и непоколебливоста во единствената замисла да донесат слобода и правда на својот напатен народ, рече Димитриевски.
Волјата и одлучност над фашистичките окупатори, рече Димитриевски, беа пресудни за остарување на сонот за самостојна држава, додавајќи дека Македонија дала 25.000 жртви во Втората светска војна во борба против фашизмот, најголемото зло на 20 век „коешто гледаме дека и до ден – денес за жал во светски рамки сè уште не е исчезнато“.
-11 Октомври почнува востанието како израз на револуционерните тенденции на народот, обединети во заедничка намера и мисла за слобода во независна држава, одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година кои донесоа остварување на вековната македонска желба за сопствена и независна држава во тогаш во силна федерација, денес во независна Македонија, рече Димитриевски. Во говорот тој им укажа почит на хероите Христијан Тодоровски – Карпош, Магдалена Антова, Бајрам Шабани, Мирче Ацев, Мите Богоевски, Цветан Димов, Раде Јовчевски – Корчагин, Кузман Јосифоски – Питу, Ибе Паликуќа и многу други херои.
Како што рече, денеска „имаме обврска да застанеме непоколебливо во одбрана на аманетот – спроведувајќи ја светата должност за обединување на сите наши граѓани“.
-На сите Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи и Бошњаци во едно праведно општество. Бидејќи сите дадовме заслуга за тоа што денес го имаме. Да се потрудиме да го сочуваме Куманово, но и наша Македонија. И нашата богата историја на револуционерен и херојски град, кој долги години одржува мултиетничка средина за пример, преку хармоничен соживот на бројни етнички заедници, кажа Димитриевски.
Тој повика одбележувањето на 84-тите години од народното востание да бидат поттик за надминување на сите пречки и поделби преку соработка и пријателство кои ќе донесат напредок на сите, да дејствуваат мудро преку реални и ефикасни методи, од причина што секој, како што рече, има право на подобар живот и подобар животен стандард, укажувајќи дека македонскиот идентитет, историја и јазикот, културата се нашето најголемо богатство. Димитриевски повика за меѓусебна почит и залагање за достигнување на европските вредности, преку сплотеност, за развивање на нашата татковина на секое општествено поле, „градејќи мостови за пријателство со сите, а не штитејќи туѓи интереси“.
– 11 Октомври е горд симбол на подобра иднина на генерациите кои допрва треба да живеат и да создаваат во демократско општество. Имајќи ја предвид светската обврска дека мора да се чува својата држава, воздигнувајќи го нејзиниот развој на едно повисоко рамниште. Придобивките од нашата револуционерна борба не се само наши. Тие се меѓународни и интернационални. Затоа и влеговме, како составен дел на светската историја и како учесник во Втората светска војна и партнер на вистинската страна. За разлика од многумина кои денес не негираат, а во континуитет секогаш биле на погрешната страна на историјата. Но, како и да е, ние Македонците, граѓаните на Македонија, го имаме тоа чувство за пријателство и секогаш знаеме да простиме. Но, притоа, сите мора и да си ги признаат грешките. Бараме да продолжиме напред, како составен дел на големото европско семејство, ценејќи не, какви сме – такви сме, да не прифатат и сите заедно да одиме напред. Со нови мостови на пријателства, не само со Европа, туку и со целиот свет, рече Димитриевски.
Тој повика да се чува Куманово, Македонија, да се почитуваат предците и учесниците во Втората светска војна и она што ние денеска го имаме, посочувајќи „гледаме дека нападнати од многумина од страна, се обидуваат да ни го земат“.