Заменик министерот за труд и социјала, Диме Спасов, испратил известување до сите вработени во кое ги информира дека нивна право и должност е да не постапуваат по известувањето кое им го пратила новата министерка Фросина Ременски.
Во писмото до вработените пишувало:
„Ве информирам дека известувањето кое е испратено на 15 ноември 2015 година во 12 часот од страна на Наташа Методиева од кабинетот на техничкиот министер за труд и социјална политика Фросина Ременски, а во кое незаконски ви се укажува Вашите одговори на барања на граѓани да ги упатувате на одобрување кај лицето Мила Царовска, лице кое не е вработено во Министерството за труд и социјална политика, нема никаква правна сила и имате право и должност да не постапувате по него.
Исто така наведеното известување нема законски основ и форма и претставува прекршување на поголем број на законски одредби. Известувањето претставува груб обид за партизација на институциите и прекршување на правата и слободите на граѓаните, нешто што нема да го дозволам.Постапувањето по тоа известување може да повлече законска одговорност.
Ве охрабрувам Вашите работни задачи, како и досега, да ги извршувате стручно и професионално, и да продолжите да работите во интерес на граѓаните, за што имате видливи резултати кои никој не може да Ви ги оспори“, пишува во известувањето, потпишано од Спасов.
Претходно, провладините медиуми пишуваа дека Ременски испратила мејл до вработените во кој повикува сите одговори на прашањата на граѓаните пред да се испратат, да бидат одобрени од нејзиниот кабинет.