По повод одбележувањето на празникот на рамноапостолите Св. Кирил и Методиј се одржа трибина под наслов „Св. Кирил и Методиј, Стожер на Постоењето!“ на која се обрати Ѓоко Ѓорѓевски кој што истакна дека мисијата на браќата Кирил и Методиј е единствена а ние сме горди на нив и нивното творештво.
„Забележани се многу мисии економски, политички, религиозни но чинам дека оваа мисија на браќата Кирил и Методиј е единствена затоа што е просветителска за нас, за целиот словенски род па и за нас македонците. Еден вид на ориентација и инспирација за тоа како треба навистина да изгледа една црковна мисија. Тоа тие што го направиле е во еден процес на инкултурација тоа значи дека се обиделе на еден автентилчен начин да го пренесат божјото слово не обидувајќи се врз никого да влијаат врз нечиј идентитет или јазик туку на автентичен начин да го пренесат создавајќи писмо создавајќи зборови преведувајќи ги свештените списи и народот на кој што им било предавано да можат тоа да го направат како свое и врз основа на тоа потоа да го градат својот идентитет сите словенски народи па така и нашиот“ кажа Ѓоко Ѓорѓевски, редовен професор на Православниот Богословски факултет Св. Климент Охридски – Скопје.
Панов ја истакна важноста на Кирил и Методиј кои се стожери на наследството и постоењето на Македонија.
„Јас не би рекол дека не натераа да заборавиме на минатото туку да прифатиме ново минато со што ќе станеме нешто друго од тоа што сме и тука ја гледам клучната поента и на мисијата на Кирил и Методиј. Кирил ги засрамил тогашните политички и црковни елити обезбедувајќи рамноправност на словенскиот јазик со што тој издејствувал во Рим да се изведе словенската богослужба во пет цркви, нешто што е чин на признавање не само на словенскиот јазик туку и правата на сите словенски народи. Човековите права што се денес фундаментот на кој што почиваат европските вредности. Токму тука е таа порака која што ние како држава Македонија и како македонски народ сме заслужни за одржувањето на мемеоријата и наследството на Кирил и Методиј особено преку култот на Климент Охридски кој што непосредно и директно ги проширил и ги зачувал оригиналните изворни традиции на Кирил и Методиј па преку Охридската Архиепископија и потоа стануваат стожери на тоа наследство и тука е суштината на нашата држава и зачувувањето на европските вредности“ кажа Митко Панов, редовен професор на Институтот за национална историја при УКИМ – Скопје.