Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, му пиша на претседателот на земјава, Ѓорѓе Иванов, во врска со преземената обврска да преземе иницијатива за формирање Експертска комисија, која треба да ги истражи настаните кои се случија пред и за време на 24 декември 2012 година, согласно договорот од лидерската средба, која се одржа во присуство на еврокомесарот Штефан Филе, на први март годинава.
„Земајќи предвид дека извештајот на оваа „ад-хок“ комисија треба да заземе свое место во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, а истовремено конечните оценки на експертите кои ќе членуваат во Комисијата, во голема мера ќе ги дефинираат насоките во разговорите за предвремени парламентарни избори, мислам дека изминативе 14 дена се драгоцено време, кое, за жал, не е искористено“, му напиша Црвенковски на Иванов.
Црвенковски во писмото ги реафирмира заложбите за целосно и ефикасно расветлување на сите околности поврзани со „црниот понеделник“, вклучително и сите постапки кои на било каков начин го довеле во прашање Уставот на Република Македонија.
„Оттука, Ве охрабрувам што побрзо да ја покренете иницијативата за формирање на Експертската комисија, за што изразувам подготвеност веднаш потоа да Ви ги доставам нашите два предлога за членови и неколку предлози за претседател околу кои би можеле да изградиме консензус“, пишува Црвенковски и додава дека очекува брза реакција од Иванов.