Битолското обвинителство ќе утврдува: Дранго ја убил или ја „спасувал“ мртвата мечка

Од:

Основното јавно обвинителство од Битола отвори предмет за случајот со мртвата мечка и фотографијата на која позира заменик-директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго.

„По објава во медиумите оформен е предмет и се постапува за да се утврди што точно се случило“, информираат од Основното јавно обвинителство во Битола.

По објавените фотографии од здружението „Анима мунди“, на кои се гледа заменик-директорот на „Македонијапат“ и претседател на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар, како позира со пушка со оптички нишан и со мртвото животно, јавноста побара оставка и одговорност. Но наместо тоа, Дранго кажа дека мечката била удрена од кола, а тој ја тргнал од патот и така настанала фотографијата. Со пушка во едната рака.

Од СВР Битола сепак велат дека нема таков пријавен случај, односно на сообраќајка во која кола удрила мечка.