Пред и по објавувањето на истражувачката сторија на „А1он“ за кириите на пратениците кои доаѓаат од внатрешноста, новинарите беа изложени на постојан притисок од страна на политички кругови. Пратениците реагираа дека со нашата посета во становите што ги изнајмуваат им била нарушена безбедноста и приватноста, а со слична реакција денеска излезе и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Објавената истражувачка сторија е од јавен интерес, со оглед на тоа што станува збор за станови изнајмени со државни пари, а никаде не се објавени адресите каде што живеат пратениците.
Народните избраници по се изгледа забораваат кои се и кого претставуваат. Тие вршат јавна функција и треба да се подготвени да бидат под лупа на јавноста кога станува збор за трошење буџетски пари, особено кога постојат сомнежи дека не живеат во становите кои ги плаќаат, па дури и се сместени во сопствени, кои не се пријавени на нивно име.
Ниту од пратениците, ниту од претседателот на Собранието нема да бидеме поколебани во намерата да ги објавиме и останатите делови од истражувачката сторија. Џафери, наместо да ги охрабри институциите и медиумите да испитаат дали во овој дел се вршат злоупотреби, тој се меша во уредувачката политика и во слободата на изразувањето, а со тоа и ги загрозува нашите права како новинари, за што ќе бидат известени и сите меѓународни институции.
Во оваа прилика, го потсетуваме Талат Џафери да ни ги достави и сметките кои тој и неговиот кабинет ги потрошиле по ресторани и кафеани, барање кое вторпат го доставуваме до Собранието, а немаме целосен одговор.
Предраг Петровиќ, главен и одговорен уредник на „А1он“
Мери Јордановска и Кристијан Ландов, автори на сторијата