30 дена притвор за Јахиу поради опасност да избега и да го повтори делото

Од:

Осомничениот Јахи Јахиу, кого Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го осомничи дека зел поткуп за да намести фирма да добие европски пари, заврши во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Од скопска единица за „А1 он“ потврдија дека за осомниченото лице судот определил 30 дневен притвор поради опасност од бегство и поради можноста да го повтори делото.

„Постапувајќи по предлог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд во Скопје, го уважи предлогот на Обвнителството и му определи 30 дневен притвор на осомничениот Ј. Ј. вработен во МИОА, по член 165, став 1, точка 1 и 3 од Законот за кривичната постапка“, велат од Кривичниот суд за „А1 он“.

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР по наредба на јавен обвинител во координација со италијанското обвинителство од Милано, со поддршка на ЕУРОПРАВДА, спроведе координирана полициска операција за обезбедување докази за примање поткуп од двајца државни службеници при избор на правно лице за спроведување на проект финансиран од страна на ИПА фондовите, од кои еден е осомничениот Јахи Јахиу од Куманово.

Осомничените како службени лица, во периодот од јуни 2014 година до август 2015 година од италијанско правно лице преку посредници – италијански државјанин советник во правното лице и англиски државјанин – деловен партнер на англиско правно лице со подружница во Скопје, примилe подарок – патување во странство во три наврати, со вкупна вредност од 7000 евра за да извршат службено дејствие што не смееле да го извршат.

Тие како службени лица, пред официјалното објавување на условите за работење на правното лице – апликант на тендерот, му овозможиле детален пристап до доверливи тендерски информации. Со ваквата постапка осомничените иако знаеле дека споделувањето на информации со апликанти или потенцијални апликанти во тендерски постапки е противзаконито, го прекршиле законот и принципите за доверливост и еднаков третман и на правното лице му овозможиле повластена положба и предност во однос на останатите апликанти. Како резултат на тоа, правното лице било избрано да го спроведува ИПА проектот и бил склучен договор во вредност од 1.096.900 евра.

Во текот на 2016 година, во периодот кога во Министерството за информатичко општество и администрација веќе отпочнало спроведувањето на ИПА проектот, како награда за своето противзаконито службено дејствие првоосомниченото лице, преку италијанскиот посредник од правното лице во два наврати примило во готовина парични средства во вкупен износ од 37.930 евра, односно 2.332.695 денари, со што се стекнало со значителна противправна имотна корист. Второосомниченото лице примило подарок во вкупен износ износ од 2.500 евра, односно 153.750 денари и се стекнало со поголема противправна имотна корист.

В. Маглешов

Би можело да ве интересира

По 20 години во администрација заврши со апсење – кој е Јахиу, партискиот челник од ДУИ

Мери Јордановска